Мицкоски сака да го окупира судството преку неуставно распуштање на Судскиот совет, реагираат од СДСМ


Фото: Б. Грданоски

„Режимот дефинитивно се враќа. Најавите на Мицкоски дека владата планира да го распуши Судскиот совет со разрешување на 5 членови е чекор кон целосна окупација на судството од стрна на власта. Мицкоски сака судството да го стави под негова контрола“, реагираат од СДСМ на изјавите на премиерот.

„Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на политички прогон преку контролирани судии и судски процеси.

Целосно спротивно на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел.

На овој начин Мицкоски ги фрла на буниште реформите во судството и презема целосна контрола и партизација на судството. По истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните.

Мицкоски сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда.

СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку стратегија на Мицкоски и неговата партија судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви.

СДСМ остро ќе се спротистави на ова и ќе направи се да не дојде до оваа окупација на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат оттаму.