Ревизија најде неправилности во работењето на Општина Аеродром, ги прозва и Марин и Муцунски


Фото: Независеен

Општина Аеродром речиси сите пари наменети за поддршка на спортот ги давала на МЗТ Скопје Аеродром, утврди Државниот завод за ревизија, кој денеска ги објави конечните ревизорски извештаи од извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Аеродром, на сметката на основниот буџет, за 2020 година.

Дополнително ДЗР направи забелешки на ангажирањето привремено вработени лица во општинската администрација; договорите за ангажирање сезонски работници кои не им гарантираат безбедност при работа; критеримите за оценка на барањата за донации и спонзорства се општи и не даваат уверување за оправданоста на доделените средства; а не ги ни објавува доделените средства на својата веб-страница…

– Непрецизно утврдените критериуми се причина 98% од средствата од Програмата за поддршка на спортот за 2020 година, да се наменат за поддршка на спортски клубови, а 2% за поддршка на училишен спорт. На КК МЗТ Скопје Аеродром, исплатени се 25.000 илјади денари или 90% од вкупните средства за поддршка на спортските клубови, по барање кое е општо, без програма за работа, активности и износот на средства за кои се бара финансиска поддршка – се вели во извештајот на ревизорите.

Дополнително, ревозорите укажуваат на тоа дека не е евидентирано земјиште и дел од недвидвижниот имот сопственост на општината, инвестициони градби и други капитални вложувања и неправилно и нецелосно е спроведен пописот на средствата и обврските за 2020 година;  при спроведување на јавните набавки утврдени се одредени неправилности во однос на непочитување на законски утврдените рокови и не спроведени постапки за јавни набавки.

Со цел подобрување на состојбите, ревизијата даде препораки за преземање на мерки и активности заради надминување на утврдените состојби.

Финансиските извештаи на овој извештај се одговорност на градоначалникот на Општина Аеродром застапувано од: Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром од 15.10.2017 година до 26.10.2021 година и  Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром од 26.10.2021 година.

Како важно прашање ревизорите ја истакнуваат неизвесноста за преземени активности од страна на општината во насока на решавање на долгогодишниот проблем со недостиг на сопствен простор за вршење на дејноста, кои доколку не се реализираат со утврдената динамика би влијаеле на идните расходи на општината по овој основ.

– Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Извршена е ревизија за 2015 година и издаден е Конечен извештај за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Општина Аеродром, сметка на основен буџет (630) во кој е изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со закони и прописи – велат од ДЗР.

Ревизијата опфати спроведување на препораките презентирани во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2015 година на Општина Аеродром и утврди дека од дадените пет препораки спроведени се две препораки, една е делумно спроведена, а две препораки не се спроведени.

Извештајот од ревизијата може да се погледне на следните ликнови:

https://dzr.mk/sites/default/files/2022-02/1_42_ELS_Aerodrom_Smetka_osnoven_budzet_630_2021.pdf

https://dzr.mk/sites/default/files/2022-02/2_42_ELS_Aerodrom_Smetka_osnoven_budzet_637_2021.pdf

https://dzr.mk/sites/default/files/2022-02/3_42_ELS-Aerodrom_Smetka_prihodi_na_budzet_na_dotacii_903_2021.pdf