Реваншот на Доналд Трамп: Зајдисонце на либерална Америка?


Успехот на Доналд Трамп на претседателските избори во САД го покажа степенот на разочарување од администрацијата на Џо Бајден, чиј потпретседател беше Камала Харис. За Трамп лично, враќањето во Белата куќа може да значи решавање на некои од неговите правни проблеми и ставање на други во мирување – но сценариото во кое тој ќе стане првиот претседател осуден на затвор не е исклучено.

За американското општество, неговиот втор мандат значи цврста имиграциска политика и ремонт на агендата за заштита на животната средина. За Украина, НАТО и другите сојузници и партнери на САД, тоа значи отфрлање на традиционалната надворешна политика на Вашингтон со непосредни последици.

Кого ќе назначи Трамп?

Предизборната платформа на Трамп во голема мера ги повторува неговите ветувања од 2016 година кои не беа исполнети за време на неговиот прв мандат. Некои од нив не успеаја во Конгресот, други беа отфрлени од Врховниот суд, а трети беа блокирани од републиканците од старата школа назначени од Трамп на клучни позиции. Тие не го поддржаа неговиот економски популизам и изолационизам во надворешната политика. Оттогаш, новоизбраниот претседател постојано повторува дека назначувањето на овие луѓе е негова главна грешка и сега има намера да се опкружува со истомисленици и лојални именувани лица.

За ова зборува и изборот на потпретседател. Во 2016 година, тоа беше Мајк Пенс, независна политичка фигура меѓу класичните републиканци. Овој пат Трамп го зема за свој потпретседател Џеј-Ди Венс, кој својата политичка кариера му ја должи лично на Трамп и не должи ништо на претставниците на Републиканската партија. И, за разлика од неговиот прв мандат, американскиот Врховен суд сега има конзервативно мнозинство обезбедено со назначувањата на Трамп. Овој суд веќе ги укина правата за абортус низ целата земја.

Масовни депортации

Главното предизборно ветување на Трамп беше масовното депортирање на мигрантите кои илегално се наоѓаат во земјата.Уште во 2016 година, тој вети дека ќе ги депортира сите илегални мигранти – тогаш, како и сега, околу 11 милиони. Но, тој не го одржа своето ветување – всушност, за време на годините на Барак Обама, стапката на депортација беше уште поголема. Други мерки на Трамп, сепак, помогнаа значително да се намали илегалната имиграција, но Бајден ги промени во 2021 година и бројот на илегални преминувања на границите се искачи на рекордно ниво. Откако ќе ја презеде функцијата како 47-ми претседател на САД, Трамп има намера да го прекине тоа и да депортира милиони мигранти секоја година, дури и ако тоа бара масовни рации и удари на економијата низ целата земја.

Што рече Трамп за надворешната политика, војната во Украина, Кина и Газа?

Трамп вети дека ќе ја запре руската инвазија на Украина доколку победи на изборите и дека ќе го стори тоа многу брзо, дури и пред да положи заклетва во следниот јануари. Во исто време, тој одби да каже како точно ќе го постигне тоа. Демократите тврдеа дека неговиот план ќе вклучува принудување на Киев на прекин на огнот со Москва без ослободување на окупираните украински територии и силните безбедносни гаранции за кои зборуваше Володимир Зеленски.
И покрај тоа, исходот од оваа дипломатија може да биде непредвидлив. Првиот мандат на Трамп започна со обиди за преуредување на односите со Русија и заврши со нови санкции, протерување на 60 руски дипломати и испорака на противтенковски системи Javelin на Украина.
Единствениот елемент од наследството на Трамп како претседател за кој се согласија и демократските и републиканските лидери беше радикалниот ремонт на односите со Кина. Бајден генерално го продолжи својот зацртан курс на многу поотворена конфронтација, а  Харис вети дека ќе го следи примерот. Но, Трамп сака да ги зголеми влоговите – и да наметне царина од 60 проценти за целиот увоз од Кина (тој сака задолжителна царина од 10 проценти за увоз од други земји). Имајќи предвид дека Пекинг ќе одговори со симетрични мерки, ова може да доведе до невидена трговска војна меѓу двете суперсили со непредвидливи последици за САД и глобалната економија.

Трамп зборуваше и за потребата да се стави крај на војната во Газа, која е во спротивност со неговата про-израелска позиција, но се објаснува со неговото општо несакање на вооружените конфликти. Генерално, треба да се очекува дека втората администрација на Трамп ќе го намали интересот за настаните во Европа и Блискиот Исток и ќе ги пренасочи своите ресурси кон конфронтација со Кина. Тоа е курс кој беше зацртан од Обама, но замрзнат во годините што следеа.

Што ќе се случува во внатрешната политика? 

Трамп вети дека ќе повлече многу правила и прописи за заштита на животната средина, ќе ги повлече задолжителните квоти за електрични автомобили и ќе дозволи ново дупчење нафта и гас во Америка. Овие мерки би можеле да ги вратат САД многу назад во борбата против климатските промени.

Трамп, исто така, ветува дека ќе ги намали даноците, но за тоа ќе му треба поддршка од Конгресот.Во блиска иднина, можеме да очекуваме повеќе обиди за продолжување на даночната реформа донесена од Трамп во 2017 година, која истекува следната годин, а обезбедува значителни даночни олеснувања за корпорациите и за најбогатите Американци.

Што ќе се случи со криминалните случаи на Трамп?

Во моментов, Трамп е обвинет во неколку кривични случаи истовремено – во некои случаи барањата против него ги покренуваат федералните власти, во други иницијативата доаѓа од државите. Уште повеќе, тој веќе е прогласен за виновен во кривично дело поврзано со тајна исплата на порно ѕвездата Сторми Даниелс, а пресудата се очекува на 26 ноември, така што  теоретски Трамп сепак може да биде осуден на затвор. Но, неговата изборна победа ги искомплицира работите.

Трамп е обвинет и за кривично дело за мешање во изборите, а судијата во моментов ги разгледува тие обвиненија во светлината на неодамнешната одлука на Врховниот суд во која се вели дека шефот на државата има делумен имунитет од гонење за дејствија преземени во својство на претседател. Друг федерален случај кој вклучува прекршување на доверливи документи неодамна беше отфрлен од судија назначен од Трамп.

Дури и ако федералните обвинители продолжат да ги следат тие обвиненија во преостанатите два месеци од мандатот на Бајден по влегувањето на Трамп во Белата куќа, новиот шеф на американското Министерство за правда назначен од него може да ги отфрли обвиненијата во федералните тужби. Покрај тоа, Трамп и неговите адвокати се соочуваат со кривично дело според законот на Џорџија кој во минатото се користеше за гонење на шефовите на мафијашите. Обвиненијата во тој случај се однесуваат  на изборна измама, а дел од обвинетите во случајот веќе ја признаа вината, но не и Трамп. Тој случај беше прекинат во јули кога беше откриено дека обвинителката Фани Вилис се сретнала со специјалниот обвинител назначен за случајот.
Сè додека Трамп е во Белата куќа, тој можеби нема да се грижи за овие случаи, бидејќи гонењето на актуелните претседатели е спротивно на американската правна практика. А до крајот на неговиот мандат, теоретски би можел да биде помилуван од гувернерите на поединечните држави кои му прават проблеми.

Дали победата на Трамп е триумф на ксенофобијата? 

Победата на Трамп значи дека Американците ја поддржаа неговата платформа за „ксенофобија, мизогинија, расизам, суровост, бруталност, темнина и омраза“, се вели во написот на „Вашингтон пост“. Сепак, конзервативците на ваквите обвинувања одговараат дека не се работи за нетрпеливост на обичните гласачи, туку за неуспех на администрацијата на Бајден, од која Камала Харис не можеше да се огради. Меѓу главните проблеми што ги наведуваат се безбедносната криза на границите и порастот на илегалната имиграција, како и незадоволството на Американците од економијата. И покрај тоа што американската економија расте во последниве години, инфлацијата опадна по постпандемискиот пораст, а невработеноста е на рекордно ниско ниво, повеќето испитаници велат дека животот бил подобар под Трамп.

Многу гласачи се исто така разочарани од способноста на Бајден да ја брани земјата од надворешни закани: тој дојде на власт во време кога САД не беа вклучени во големи војни во странство, туку одржуваа само мал контингент во Авганистан. Земјата сега е најтесно вклучена во два сложени конфликти, во Украина и на Блискиот Исток, и троши милијарди долари за поддршка на своите завојувани сојузници и партнери. Поразот на Харис можеби е комбинација од сите овие фактори, но може да одразува и подлабока реалност. За многу републиканци, Трамп останува иконска, речиси месијанска фигура која може да ја спаси земјата и да ја врати на вистинскиот пат. Ова е слично на улогата што поранешниот претседател Барак Обама ја одигра во главите на либералните Американци, но ниту Бајден ниту Харис не се приближуваат до неговата популарност и тие само тврдат дека се алтернатива на Трамп.