Решението со Бугарија е во враќањето на довербата во Договорот за добрососедство


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи смета дека решението на проблемот со Бугарија е во враќањето на довербата во Договорот за добрососедство, како единствен инструмент и гаранција за надминување на сите разлики.

Османи денеска, на прес-конференција, рече дека се уште не може да каже каков ќе биде исходот од разговорите меѓу Скопје и Софија, но нагласи дека македонската страна ќе направи се што е можно достојно да ги претстави интересите на државата и во тие рамки да најде заедничко решение.

– Разговараме се уште, не можам да предвидам ништо, ниту да го прејудицирам исходот. Прашањето е премногу комплексно и сензитивно, а периодот е прекраток. Нашиот пристап е дека ќе работиме до последната минута за да ги аргументираме прво нашите погледи кон ова прашање, да ги приближиме различните очекувања. Моето чувство е дека решението е во враќањето на довербата дека Договорот за добрососедство е единствениот инструмент и гаранција за надминување на сите разлики, истакна Османи, одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, остануваат уште малку денови до првиот обид. – Свесни сме дека ова прашање е од интерес и за Бугарија, па колку е неуспех за нас, толку е неуспех и за Бугарија и за ЕУ, подвлече вицепремиерот.

На прашањето што се преговара во однос на јазикот, шефот на дипломатијата истакна дека ја разбира потребата граѓаните да знаат детали за ова.

– Бидејќи сме во најактивниот момент од разговорите, во една завршница ако можам да кажам, на овој обид да се најде разбирање, не би можел да навлезам во детали освен тоа што досега сме го констатирале – дека има одредени загрижености и различни очекувања, дека таму каде што можеме, можеме да дадеме дополнителни аргументи дека тие загрижености се неосновани, дека нашата интенција е да развиеме пријателски односи со Република Бугарија и со секоја земја членка. Ние најдостоинствено ги претствуваме позициите на државата и очекувањата на граѓаните, потенцира Османи и се заблагодари за германското претседателство со ЕУ, за, како што рече, неговата исклучително проактивниот и принципиелниот ангажман да се гарантира продолжувањето на процесот на проширување.

Вицепремиерот укажа дека целата оваа ситуација не треба да се сведе само на разговорите и контекстот со Бугарија, туку мора да се знае и дека 26 земји членки на ЕУ веќе имаат усогласен, заеднички став по однос на текстот на преговарачката рамка што е, напомена, голем успех и исчекор.

Тој објасни дека во Брисел се разговара за текстот на преговрачката рамка за која согласност треба да дадат сите 27 земји членки, без исклучок. Ако една земја е против, не може да помине ниту една одлука.

– Во однос на овие месеци не се разгвараше само во однос на дилемите што ги има Република Бугарија, туку секоја земја членка предлагаше одредени промени, измени и свои погледи. Имаше сериозна дебата меѓу земјите кои преферираа посилни контролни механзми во рамката и оние што сметаат дека со стимулативни мерки повеќе ќе се забрза процесот на преговори. За нас беше важно да се усогласи секоја земја членка, објасни Османи.

Тој на прес-конференција во МНР го презентира новиот концепт на економска дипломатија. Најави стратегија за економските односи со странство чија цел е Северна Македонија да се промовира како атрактивна дестинација за бизнис и инвестирање. Ќе се испраќаат и економски советници, нагласи вицепремиерот, но само во земји со кои нашата држава има голем потенцијал за деловна соработка. На пролет 2021 година ќе бидат испратени првите економски советници.