Реновираниот Бит-пазар се враќа на скопјани
Денеска се отвори реконструираниот Бит-пазар, еден од најпосетените пазари во Скопје. Инвестицијата е на АД Скопски пазар, а е од огромно значење за главниот град. На овој начин се уредува овој простор кој овозможува подобри услови и за пазарџиите и за граѓаните кои секојдневно ги користат нивните услуги.
Најголемиот и најсовремен зелен пазар во државата – Битпазар со инвестиција од 250 милиони денари на „Скопски пазар“ АД Скопје го доби својот нов модерен лик на 8.800 квадрати метри со 630 тезги, 175 локали и нов паркинг простор за 220 возила.
-Владата ги поддржува капиталните инвестиции посебно оние кои имаат трајна вредност и ги подобруваат условите за работа на нашиот народ, за граѓаните. Во таа насока упатувам честитки за современиот изглед на традиционалниот Битпазар позициониран на стратешка локација со излез на најфреквентниот пат кој ги поврзува општина Чари со општина Центар – рече премиерот Зоран Заев на означувањето на крајот на реконструкцијата на пазарот.
Тој нагласи дека е евидентно оти деловниот простор е ефективно искористен со цел задоволување на потребите на купувачите и корисниците со обезбеден квалитетен паркинг простор со 220 места.
– Градот Скопје заедно со Општина Чаир, неколку надлежни институции на централно ниво, Комората на трговци и Еснафот на Старата скопска чаршија, подолго време се обидуваме да воспоставиме ред на јавните површини, а пред сѐ тротоарите и велосипедските патеки. Овие наши напори опфаќаа ослободување на тротоарите и велосипедските патеки, нивна реконструкција, поставување на нова урбана опрема, жардиниери, заштитни столпчиња, како и обнова на зеленилото на булеварот „Крсте Мисирков“, кој го реконструиравме од „Мавровка“ до Бит-пазар. Тоа го правевме за да развиеме партнерски однос со сите засегнати страни, трговците, муштериите, но и учесниците во сообраќајот, пред сѐ, тука мислам на пешачкиот и на велосипедскиот сообраќај – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој изрази уверување дека просторните услови на новиот објект на Бит-пазар ќе овозможат непречено одвивање на трговската дејност на сите заинтересирани субјекти кои и досега го користеа овој пазар.
– Денес сме сведоци на трансформација на пазар кој што долги години функционираше би рекол како инпровизиран пазар, без услови и посебен паркинг. Бит Пазар е економскиот традиционален симбол на Скопје, кој поради неговата местоположба, споен со Старата скопска чаршија е идентично место во целата земја. Модерно, чисто и средено место за пазарување, ова е тоа што им се нуди на граѓаните, затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат – истакна на крај, Груби.
На отворањето на оваа значајна инвестиција на Скопски пазар АД Скопје присуствуваа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев.