Реновиран пунктот за вакцинација во Поликлиниката Чаир, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот
Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Виктор Исјановски денеска ја посетија Поликлиниката Чаир, каде е реновиран пунктот за вакцинација.
Покрај реновираниот делот за вакцинација, има една просторија која е опремена со играчки, а целосно се реновирани просториите каде се врши апликацијата на вакцините, лекарските ординации и собата каде работат медицинските сестри.
– Ова е почеток на реновирање на сите вакцинални пунктови во рамки на Здравствениот дом во Скопје. Следат поликлиниките во „Јане Сандански“, во Бит-пазар и во Ѓорче Петров. Дополнително на реновирањето на овие делови – вакцинални пунктови ќе се реновираат и сите други амбуланти таму каде што е најкритично. Една од најруинираните згради е амбулантата во Ѓорче Петров и направивме наша стратегија и договор од таму да почнеме со целосно реновирање на амбулантата, најави Филипче.
Според него, Здравствениот дом – Скопје врши многу значајна работа во делот на здравствениот систем. Тука се наоѓа и апаратот за магнетна резонанција.
– Новина е тоа што веќе од минатата недела пуштени се термини и за трета смена, наместо до 20 часот, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот што значи дека ќе се намали времето на чекање за изведување на магнетна резонација на територијата на Град Скопје. Одлично е искористен и апаратот за компјутеризирана томографија што се наоѓа во поликлиниката „Јане Сандански“, овде во Чаир се наоѓа и дигиталниот томограф од каде што доаѓаат за снимање жени по програмата за превенција од територијата на цела држава, рече Филипче.
Министерот за здравство информира дека прават планови за набавка на мали возила кои ќе ја промовираат патронажната служба. Најави дека во следните денови ќе се потпишат договорите на повеќе од 20 доктори кои ќе работат во патронажните сервиси.
– Тоа беа невработени доктори. Со нашиот повик за вработување на доктори и медицински сестри практично сите имаа можност да се пријават на овој оглас. Тоа е програма која за почеток трае шест месеци, меѓутоа работиме на тоа да се обезбедат средства за следната година да биде и на повеќе месеци, рече Филипче.
Министерството за здравство, како што рече, распиша уште една набавка за амбулантни возила.
– Последната анализа покажа дека возилата што ги набавивме за Здравствениот дом – Скопје сега се сосема доволни, може да одговорат на барањата на граѓаните и тие ќе бидат наменети за здравствените домови ширум државата. Продолжуваме со зајакнување на примарната поликлиничка дејност не само во рамки на Здравствениот дом – Скопје, туку и ширум државата со новите вработувања, патронажните сервиси и тоа што ги интересира концесионерите и примарните доктори зголемување на капитацијата која што ќе почне од 1 октомври оваа година, рече Филипче.
Директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Виктор Исјановски изјави дека е големо побарувањето за магнетната резонанција и затоа се решиле да воведат, како што рече, трета полусмена, со отворање на шест до седум термини.
– За да се направи едно такво снимање потребно е самиот техничар којшто е таму да го подготви пациентот, а тоа трае од 30 до 40 минути. Времето е малку поголемо, но имаме голема побарувачка не само од Скопје, туку и од целата држава. Се надеваме дека и понатаму доколку дозволат условите, ако треба да отвориме и до полноќ да имаме термини за магнетна резонанса, но засега ќе биде до 22.30 часот, рече Исјановски.
Најави дека размислуваат и за компјутерот што е во Поликлиниката „Јане Сандански“.- Таму веќе пуштивме доктор затоа што таму имавме мал проблем со препокривање на колегата од Поликлиниката Драчево, но веќе имаме готов специјалист којшто работеше во Итната медицинска помош и тој отиде постојано да биде на тоа работно место, рече Исјановски. Додаде дека оваа поликлиника опфаќа некаде околу четири општини, каде живеат над 130.000 граѓани, но се дозволува и пациенти од другите градови да можат да ја искористат здравствената заштита.