Реновиран дел од Универзитетската клиника за психијатрија
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, заедно со директорката на Клиниката за психијатрија Славица Арсова, денеска, свечено го отворија комплетно реновираниот дел од Универзитетската клиника за психијатрија.
Како што посочи Таравари, ова е втора Универзитетска клиника која што ја промовира оваа Влада, со услови подостоинствени отколку на приватните клиники во државата.
– За шест месец ова е втора Универзитетска клиника што ја промовираме со услови можеби подостоинствени за нашите пациенти, отколку на приватните клиники во државата. На Дигестивна хирургија бевме пред неколку месеци заедно, денеска сме на Клиниката за психијатрија. Условите се навистина многу добри и се надевам до крај на јануари ќе одиме заедно со вас новинарите да ги промовираме Ургентниот интернистички центар на токсикологија, којшто е при крај, и се надевам, Клиниката за урологија, која што ќе изгледа исто како Клиниката за дигестивна хирургија и Клиниката за психијатрија. Секогаш како Влада, па и како Министерството за здравство, пред сѐ и над сѐ, целта ни е достоинствени здравствени услуги за пациентите во јавните здравствени установи, рече Таравари.
Директорката Арсова истакна дека со новите услови за работа на Клиниката целиот медицински персонал ќе може да обезбеди квалитетна здравствена услуга на сите пациенти, бидејќи, како што рече, без квалитетни услови не може да се очекува квалитетна здравствена заштита.
– Доколку не обезбедиме квалитетни услови, безбедни услови, пријатни услови за работа на здравствениот персонал, тогаш не може да очекуваме и квалитетна здравствена заштита и превенција на менталното здравје, за кое цело време зборуваме. Менталното здравје се негува уште од самото раѓање, па до крајот на нашиот живот и не се сомневам дека целиот персонал, од доктори до сестри, техничари, болничари и административен персонал на нашата Клиника се спремни да го пружат тоа на највисоко можно ниво. Покрај клиничката дејност, нашата Клиника се бави и со едукативна дејност, ние имаме и таква задача и цел да едуцираме нови кадри, нови здравствени кадри и да ги подобруваме и прошируваме здравствените услуги, рече Арсова.
Премиерот, пак, вели целта на Владата е да обезбеди пристојни услови за граѓаните, како и за медицинскиот персонал. Мицкоски му честиташе на министерот за здравство за потпишувањето на колективните договори, изразувајќи надеж дека мотивираноста кај здравствените работници ќе биде уште поголема.
– Сето она кое што во минатото било запоставено и заборавено, целта на оваа Влада, на министерот, како и на директорите во здравството е да направат додадена вредност да направат повеќе за граѓаните да имаат пристојни услови, онакви какви што заслужуваат и лица мотивирани кои што ќе се грижат за нивното здравје. Работевме многу и во делот на потпишување на колективните договори, му честитам на министерот и на директорот на Фондот за здравство, како и на сите кои учестуваат во тој процес, министерката за финансии исто така, бидејќи се потпишува договор којшто никогаш порано не бил направен со Синдикатите и колективен договор. Ценам дека на тој начин мотивираноста кај здравствените работници ќе биде уште поголема, им честитам на сите вклучени што направи овој објект овде када изгледа овака репрезентативно, рече Мицкоски.