Реномираниот театролог Патрис Павис во Скопје – ќе држи работилница на ФДУ 


Еден од најзначајните современи театролози во светски рамки, голем познавач на клучните трендови во современиот театар, специјалист на анализата на драмата, изведувањето и спектаклите, Патрис Павис (Франција, 1947), ќе одржи работилница на Факултетот за драмски уметности во Скопје, од 19 до 21 мај, 2025 година. На работилницата, организирана со поддршка на Францускиот институт во Скопје, ќе учествуваат студентите од Факултетот за драмски уметности и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Уким, Скопје. Темата на работилницата е театарската адаптација на недрамски текст, во случајов поглавјата на романот на Патрис Павис „Ти си поезија“.

Светски реномираниот театролог и професор во пензија по театарски студии на најпрестижните универзитети на три континента, Патрис Павис, е автор на клучни книги од областа на теоријата на театарот, незаобиколни референци во доменот на театарските, книжевните и културните студии. Така, Речникот на театарот (1980) и Речникот на изведувањето и на современиот театар, ќе доживеат бројни реизданија и ќе бидат преведени на повеќе од 20 јазици. Овие речници, денес, се меѓу најкористените педагошки и научни прирачници за театарот во светот. Други поважни теориски книги на Патрис Павис: Проблеми на театарска семиологија (1976), Театарот на крстопатот на културите (1990), Современа театарска режија (2007), Анализа на спектаклите (1996), Анализа на драмските текстови (2016), Изведувајќи ја Кореја (2017).

Павис е автор и на неколку драмски пиеси, меѓу кои. Да се бакнеме во вишновата градина!(2014), Вања и Таа (2007), Моите три сестри (2007), како и на пиесата Посета во болница (2017), преведена на македонски јазик (Културен живот, бр.1/2, 2025). Конечно, Павис е автор и на романот Ти си поезија (2021) преведен и објавен на македонски (Битола: Перун Артис, 2023).