Рекордни 3,1 милијарди ноќевања на туристи во ЕУ во 2025, Шпанија води
Во Европската Унија минатата година, речиси 3,1 милијарди ноќевања беа регистрирани во туристички сместувачки капацитети низ земјите-членки на блокот, објави денес Евростат.
Заводот за статистика на ЕУ наведува дека овој број претставува зголемување од 2,2 проценти, или 66,4 милиони ноќевања повеќе отколку пред една година.
Така, 2025 година беше уште една рекордна година за туризмот во Европската Унија.
Бројот на ноќевања од меѓународни гости се зголеми за 3,4 проценти, што е зголемување од 49,7 милиони.
Од друга страна, ноќевањата од локални гости беа за 1,1 процент повисоки, или 16,7 милиони, пренесува Танјуг.
Најмногу ноќевања, 61,7 проценти од вкупниот број во Европската Унија, беа остварени во четири земји. Шпанија води со 513,6 милиони ноќевања, по што следат Италија (476,9 милиони), Франција (471,7 милиони) и Германија (442,1 милиони).
Земјите со најмал број ноќевања беа Луксембург (3,6 милиони), Латвија (5,0 милиони) и Естонија (6,7 милиони).