Рекорден број пријавени учесници за „Виз ер“ Скопски маратон 2025


 Повеќе од 14.000 тркачи се пријавени за 21.издание на Виз Ер скопски маратон што ќе се одржи в недела (5 октомври).

Генерален покровител на оваа спортска манифестација е Министерството за спот.

-Секогаш давам поддршка на манифестации кои промовираат спорт и вистински вредности. Вредности кои треба да ги вратиме како највисоко нешто во нашето општество, вредности на кои треба да ги учиме нашите деца. Вредности на витештво, гордост, чесност, на тоа како да се победува, но и на тоа како да се губи и како да се прифаќа пораз, бидејќи од поразите многу повеќе се учи, отколку од победите. Чест ми е што ни како министерство ќе бидеме покровители на овој настан и ќе дадеме придонес во организацијата. Сигурен сум дека со доаѓањето на новиот градоначалник, манифестацијата ќе биде многу повеќе помогната и од градот, изјави министерот Борко Ристовски.

На Виз Ер Скопски маратон ќе учествуваат тркачи од 58 држави кои ќе се натпреваруваат во четири дисциплини: маратон, полумаратон (21 км.), штафетна трка и трка на 5 км.

Во штафетната трка ќе учествува и тим на делегацијата на ЕУ во земјава.

Најголеми фаворити за победа на главната трка се маратонците од Кенија и најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски. 

Почетокот на Виз Ер Скопски маратон е во 8 часот на 5 октомври во центарот на Скопје, спроти Собранието.