Реконструкција на патот до Бојане
Увид во градежните работи за реконструкција на патот до Бојане во Општината Сарај, што е во тек, денеска извршија градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Селото Бојане е последното населено место во градот Скопје кон граничната Општина Желино и долги децении било и заборавано и запоставувано од градските власти. Ова сега е доказ како во соработка меѓу Општина Сарај и Градот Скопје, помогнати и од Владата на Република Северна Македонија успеваме да го решиме овој децениски проблем на граѓаните на Бојане кои сега се поврзуваат со најдобрата инфраструктура – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Реконструкцијата на овој пат се изведува во должина од 3 километри. Покрај реконструкцијата на коловозот се обновуваат и водоводната, атмосферската и канализациската мрежа во должина од 3 километри. Се обновуваат и рабниците од двете страни на патот, се обновува зеленилото, а се гради и нова пешачка патека од бекатон плочки со ширина од 1,5 метри во должина од 3 километри. Станува збор за инвестиција од 101,5 милиони денари со вклучен ДДВ од буџетот на Град Скопје.
За премиерот Зоран Заев, од ваквите зафати се гледа грижата на локалната и на централната власт за потребите на граѓаните, зашто квалитетот на живот треба да биде рамномерен и во селата и во градовите.
– Реконструкцијата на патот до село Бојане е само еден од десетиците инвестициски проекти на локалните власти во нашата земја кои ја имаат целосната поддршка на Владата низ повеќе различни програми. Со 70 милиони евра директна помош за општините во наредниот период планираме да продолжиме да реконструираме околу 450 километри локални улици и патишта во сите 80 општини во државата и Градот Скопје. Со првиот повик опфативме 17 општини и реконструкција на 27 улици со вкупна должина од 23,62 км, проект вреден преку 4 милиони евра. Реализиран е и вториот повик, започна реконструкцијата на 35 улици во 21 општина, со вкупна должина од 35,5 км, во вредност од околу 7 милиони евра. Во тек е подготовка на трет повик кој ќе опфати обнова на дополнителни 60 км локални улици. На секоја општина за оваа намена на располагање и стојат од 500.000 евра до 2 милиона евра, неповратни средства. Дополнително, тука е програмата на ТАВ со која се реализираат 94 инфраструктурни проекти, а се реализираат и програмите за туристички развој и програмата за водоводи и канализации – појасни премиерот Заев.
Градоналникот на Општина Сарај Блерим Беџети на денешниот увид на изградба на патот, посочи дека станува збор за инвестиција од над 83 милиони денари. Патот е околу 3 километри и со сите стандарди на широчина, атмосферска канализација, водоводна мрежа и тротоари.
И Али Ахмети, претседателот на ДУИ кој исто така присуствуваше на градежните работи напомена оти ова е доказ дека се работи за иднината на граѓаните, за иднината на индите генерации, но и за доброто на сите граѓани во нашата држава.