Реконструиран главниот конак на Св. Пантелејмон


Завршија реставраторските и конзерваторски работи на главниот конак во манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон, во Горно Нерези, Општина Карпош. За оваа инвестиција, општината искористи средства од шест милиони денари од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој. За оваа реконструкција, согласност даде и ресорното Министерство за култура.

– Општина Карпош целосно ја обнови столаријата и внатрешно го уреди конакот. Заврши реконструкцијата на подот, на тоалетите, а се направи и замена на прозорите. Исто така, поставен е и нов систем за противпожарна заштита и електрична инсталација соопштија од општинската прес-служба.

На овој начин, посочуваат од општината, целосно се врати во функција главниот конак на овој манастирски комплекс.

– Уште поважно е што истиот има автентичен и уникатен изглед, во духот на манастирската целина, имајќи го предвид фактот дека црквата Свети Пантелејмон е дел од нашето културно наследство која датира уште од дванаесетиот век, потенцираат од Општина Карпош.

Свети Пантелејмон е дел од националната туристичка мапа и со овој проект се придонесува кон негово заживување, со што станува уште поатрактивен за домашните и странски туристи.