Реформи во УБК: Може ли да ни се појави нов Нинџа?


Директорот и заменикот на Агенцијата за национална безбедност (АБН), со чие формирање Управата за безбедност и контраразузнавање оди во историјата, ќе имаат мандат од четири години и право на реизбор, додека работниот стаж потребен за овие функции е намален од 15 на 12 години. Разрешувањето на директорот, кој го назначува премиерот, освен по иницијатива на Владата може да биде и по иницијатива на надзорните собраниски тела во насока на зајакнување на контролата.

Амандманската расправа за законот за АНБ започна вчера во собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Пратениците од опозицијата, но и од владејачкото мнозинство поднесоа вкупно 91 амандман. Спротивно на досегашната пракса околу суштинските елементи на законот се судрија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговите сопартијци и пратеници од владејачкото мнозинство. Тие поднесоа десетици амандмани спротивни на предлог-амандманите што беа претходно усогласени во работните групи меѓу власта и опозицијата кои вчера поминаа мазно.

Дали судот и јавното обвинителство да бидат исклучиво надлежни за давање наредба и одобрение на мерка за користење лица со прикриен идентитет, или тоа да биде дискреционо право на директорот, како што се предлага во предлог-законот, беше една од дилемите во амандманската расправа. Пратениците од СДСМ, Фросина Ременски и Мухамед Зекири, независниот пратеник Павле Богоевски, како и Горан Мисовски од НСДП, не успеаја да го убедат Спасовски дека оставањето на можноста директорот да издава наредба за користење лица со прикриен идентитет може да доведе до злоупотреба.

Тие сметаат дека на тој начин се остава отворен просторот за злоупотреби и создавање параполициски движења на државна сметка, а како пример ги посочија настаните од 27 април и конкретно Александар Василевски-Нинџа, кој на судењето се претстави како таен агент ангажиран од УБК.

„Ова е сериозно сомневање изразено и од јавната дебата имајќи предвид дека и во актуелни судски постапки на СЈО, во кои како сведоци се повикуваат лица кои ги обезбедиле незаконски следените комуникации, слушавме изјави од обвинети и од лица кои се во самото обвинение дека биле ангажирани како агенти и извршувале одредени активности по наредба од обвинети лица во постапката на СЈО. Меѓутоа, никој досега не даде одговор дали и по кој основ тие лица се ангажирани. Говорам конкретно за изјавата на т.н. Нинџа, кој излезе со тврдење дека бил ангажиран од УБК во извршување на некакви специјални задачи. Видовме, чувме од Нинџа, икс, ипсилон лица носеле оружје, примале наредби, извршувале дејства. Остана неодговорено кој им давал наредба, за кого извршувала наредби таа параполициска структура во УБК и што сè правела и какви задачи извршувала“, рече Ременски, која смета дека оваа мерка треба да се користи само по судска наредба. Во вршењето на своите обврски од спроведување на мерката лицето со прикриен идентитет, вели таа, може хипотетички да го загуби својот живот, да поттикне извршување кривично дело и да биде сторител на кривично дело во спроведување на мерката со прикриен идентитет.

Според Спасовски, директорот на Агенцијата нема да може да злоупотребува зашто прибирањето информации за лица со прикриен идентитет е уредено со подзаконски акти.

„Со ова овластување на директорот се остава поголема ефикасност на Агенцијата за национална безбедност. Второ, Агенцијата не работи по Законот за кривична постапка, туку има превентивна улога во заштита на уставниот поредок на државата и организираниот криминал. Таа дејствува во моменти кога ќе се потврдат доволно индиции и ќе има сериозен сомнеж дека некој може да го загрози уставниот поредок и има група за криминал,а потоа преземаат Бирото за јавна безбедност и Јавното обвинителство, кое наредува посебни истражни мерки“, рече Спасовски.

На комисиската седница беше утврдено дека треба да се направи безбедносна проверка на кандидатот за директор преку националните бази за безбедност и да се утврди дали има криминалистичко досие. Во таа насока беше констатирано дека оваа функција не може да ја извршува лице кое има правосилна судска пресуда или е под истрага за судир на интереси.

Најголеми дилеми меѓу експертската јавност се јавија околу големите овластувања на премиерот, поточно околу фактот дека тој ќе го предлага директорот на АНБ и ќе раководи со координацијата на националната разузнавачка заедница, во која ќе се разменуваат информации од сите три тајни служби – новата агенција, агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Сепак, тој спорен дел, како и употребата на тактички средства за прислушување независно и без учество на ОТА, воопшто не беа опфатени со амандманите. (Н.К.)

 

Ременски: Немам личен судир со Спасовски

 

Немам личен судир со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, туку имаме судир на концепти во однос на реформата во безбедносниот сектор, ни изјави потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски.

Таа и Спасовски се и потпретседатели на СДСМ, а сомневањата за судир меѓу нив се разгореа поради тоа што Ременски е првопотпишана пратеничка на дел од амандманите што ги поднесоа пратеници од владејачката пратеничка група на законот за формирање на новата агенција за безбедност. Дел од тие амандмани се спротивни на амандманите што биле договорени во работните групи меѓу власта и опозицијата, што ги предводеа Спасовски и Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Ременски посочува дека од вкупно 91 амандман, плус пет за законот за координација на разузнавачката заедница, 36 се од пратеници од СДСМ, а 15 од независната пратеничка група, додека другите се од различни политички партии.

– Во почетокот дебатата за потребата од темелни реформи во УБК, како извор и креатор на критичните политички случувања во земјава, беше табу-тема. Јас како потпретседателка на СДСМ и како познавач на состојбите во оваа област бев вклучена во подготовката на делот од изборната програма на партијата кој се однесува на полицијата и на безбедносниот сектор. Притоа секогаш сум се водела од професионалноста и потребата од темелни реформи, а не од лични ставови и интереси. Обидот на одредени медиуми да фрлат сомнеж врз стручната дебата и да ја претстават како личен судир со министерот за внатрешни работи е сервиран од структури кои сакаат да создадат привид на реформи. Вклучувањето на името на мојот сопруг во тој контекст е обид за дефокусирање од фактите и аргументите за сериозни пропусти во текстот на законот – вели Ременски.

Таа објаснува дека нејзиниот сопруг е 26 години припадник на МВР и, како што вели, во никој случај не е предмет на какви било калкулации. Законот што треба да го донесе Собранието, вели, ќе важи за сите вработени, вклучително и за нејзиниот сопруг.

– Дефокусирањето од стручната дебата е од луѓе кои имаат причина да се плашат. Јас останувам на ставот дека законот треба квалитативно да се подобри. Треба да се уредат прецизно законските основи за селекција на вработените во новата агенција и да се реализира обврската за ветинг во безбедносниот сектор согласно со стандардите на НАТО бидејќи без тоа не може да се спроведе вистинска реформа – нагласува Ременски. (А.М.М.)