Реформата е со меки даночни решенија, велат експертите за владиниот предлог

Нашиот систем е зрел за даночна реформа - фискалниот товар постојано расте и ќе мора да се оди кон посериозна реформа. Главната битка е да се оданочи сивата економија


 
Даночна реформа или само „шминка“ на постојниот даночен систем? За експертите нема двојби дека Македонија е зрела за сериозна даночна реформа, но тоа треба да се направи многу внимателно и одмерено со цел оданочувањето да ги опфати и оние кои до сега успешно и упорно го избегнуваат плаќањето на даноци, но и праведно во сразмер со нивото на приходи.
 
Предложените даночни измени, кои ги најавија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими се мал чекор во таа насока, и се чини дека повеќе одговораат на барањата на бизнисот, отколку што се темелат на идеолошки определби на левицата. Пред сѐ, тоа се однесува на напуштањето на концептот прогресивен данок, но и други решенија кои се однесуваат на реинвестирањето на добивката, оданочувањето на хонорарите итн. Една од забелешките е што и овој пат даночните промени се носат во „пет до 12“ и иако зад нив стојат неколку серии дебати, прашање е како ќе се имплементираат во кус рок.
 
Што мислат за предложените измени луѓето кои се токму од оваа област – даночната политика и финансиите, за „Независен“ зборуваат даночните експерти Павле Гацов и Славко Лазовски, како и универзитетскиот професор Борче Треновски.
 
„Презентираните усогласувања на даночните политики немаат карактер на даночна реформа. Владата делумно остана на нацрт позициите што ги презентираше во август и прифати поголем дел од забелешките на бизнис заедницата и од експертите, искажани на јавните расправи што ги организираше Министерството за финансии“, вели даночниот експерт Павле Гацов.
 
„И овој пат изостанаа мерки за борба против сивата економија, како базен од кој се пропушта можноста за прибирање на даночни приходи“, нагласува тој.
 
За него напуштањето на концептот на прогресивно оданочување беше очекувано.
„Имено, тригодишното одлагање не беше искористено од страна на фискалните власти за да се реформира моделот, да се дигитализираат процесите и да се демонетизира македонската економија, односно да се отстранат воочените слабости при почетната примена на моделот на прогресивно оданочување“, вели Гацов, додавајќи дека врз основа на изнесеното на прес-конференцијата очигледно е дека се направени меки даночни решенија кои значат умерено зголемување на даночниот товар.
 
Како во такви околности ќе се спроведува заложбата за правичност и праведност, на која се потпираат и определбите на Владата. Наспроти ваквите заложби во практика сме сведоци на сѐ поголемо раслојување на населението, но и на пораст на сивата економија, која според различни проценки се движи во размаерот од 21,3 отсто до 39,5 отсто од бруто домашниот производ. Во такви услови тешко е да се постигне правичност и праведност, како меѓу деловните субјекти така и кај граѓаните. Исто така, во предложените измени не се предвидени нови даноци, а се укинува прогресивното оданочување, кое како концепт беше воведено со цел да се обезбеди поголема правичност, но по отпорите во јавноста беше одложено, а сега и дефинитивно се напушта како концепт, и се продолжува со системот на рамен данок.
 
 
Павле Гацов

Во однос на овие прашања, Гацов вели дека концептот на правичност и праведност се обезбедува со прогресивното оданочување и со елиминирање на евазијата, но со најавените измени вакви решенија не се понудени.
 
„Со оглед дека на почетокот на декември сѐ уште се даваат изјави со кои се најавуваат промените, без да бидат доставени предлог закони во Собранието, очигледно е доцнењето на новите законски решенија, а потоа и на имплементацијата што треба да следи“, вели Гацов.
 
Во четвртокот од страна на Владата беше објавен даночниот пакет треба да почне да се спроведува од почетокот на наредната година со етапно воведување нов даночен систем, чија главна карактеристика, како што потенцираат е праведноста.
 
Инаку, од она што беше објавено, не се предвидуваат нови даноци, не се предвидува зголемување на даноците, односно данокот на личен доход останува 10 отсто и не се зголемува, данокот на додадена вредност останува 18 отсто и не се зголемува и каматите на депозитите на штедните влогови нема да се оданочуваат.
 
Новина е дека од 1 јануари 2023 година нема да се применува прогресивното оданочување, односно се укинува концептот на прогресивно оданочување и ќе продолжи да се применува оданочувањето со единствена стапка од 10 отсто.
 
Една од мерките што ќе продолжи да се применува на барање на бизнис заедницата, е ослободувањето на реинвестираната добивка.
 
Во Законот за ДДВ останува основната стапка од 18 проценти, и двете повластени од 5 проценти и 10 проценти, но ќе се ревидира листата на производи кои се луксузни и кои ќе се оданочуваат со втората повластена стапка.
 
Во однос на хонорарците ќе овозможи на доброволна основа да плаќаат придонеси, со што им се обезбедува здравствено и пензиско осигурување. Се воведува и нов начин на донации за спортот, а вработените лица со посебни потреби и понатаму остануваат ослободени од данок на личен доход.
 
Славко Лазовски, кој долго време работеше во Министерството за финансии во областа на даноците (сега е во пензија) и жесток поборник за повисоки даноци, но и за отчетност и транспарентност во трошењето на јавните пари, вели дека даночната реформа е засилено оданочување, а засилено оданочување е развој.
 
„Развојот на економијата ја наметнува неопходноста од даночни реформи. Данокот ја оправдува својата суштина и ја постигнува својата цел само кога ќе се трансформира во доход за развој“, вели тој.
 
Во однос на прашањето кој доби, а кој изгуби од неспроведувањето на даночната реформа, Лазовски вели дека добиваат политичарите и тоа повеќе оние кои не се на власт.
 
„Ним им останува и понатаму можноста да ги залажуваат граѓаните, дека со помалку собрани даноци ќе им биде подобро на граѓаните. Ако е така, најлошо би живееле граѓаните во земјите со највисоки даноци“, вели Лазовски, кој додава дека кај нас сите се против даночните реформи, дури и оние кои би имале придобивки од нив, како примателите на социјалната помош, која целосно доаѓа од даноците, пензионерите, иако нивната пензија речиси половина доаѓа од собраните даноци…
 
Славко Лазовски
 
„Најголеми добитници на секоја даночна реформа се токму оние кои најмногу го поднесуваат нејзиниот товар – бизнисмените. И така треба да биде. Ним им се отвораат најголеми можности за остварување на уште поголеми доходи“, вели Лазовски.
 
Во однос на сивата економија, Лазовски вели дека кога даночната политика не би била толерантна кон сивата економија, даночниот систем лесно би се справил со неа.
 
„Даночниот систем ја има улогата на овозможувачки околности на остварување на целите од даночната политика. Разграничувањето е повеќе од потребно, за да се определи чија е одговорноста. Неспорно е дека сивата економија е првенствена задача на даночното тело, но во отсуство на поддршка од другите јавни политики, најверојатно, толку може да се постигне“, вели Лазовски, кој има и конкретни предлози во насока на намалување на сивата економија, како оданочување на нечесното исто онака како што се оданочува чесното, потреба од меѓународна правна помош како најефектен и најефикасен начин на сузбивање на сивата економија за добрата кои влегуваат во нашата земја, потоа забрзување на нашиот даночен систем, како и намалување на бројните даночни олеснувања и ослободувања, која тој ја оценува како добра насока на делување, иако недоволна.
 
„Точно е дека тие се голема слабост на нашиот даночен систем, но можеше да се зафатат уште и двете негови големи мани: бавноста и недоволното почитување на правата и правните интереси на даночните обврзници. Може да се забави со нивното отстранување, но не смеат да се заборават“, вели тој.
 
Лазовски додава дека успешноста на даночната политика се потврдува токму во овој елемент.„Успешноста тука се мери колку со даденото ослободување зајакнал даночниот извор за да може да го поднесе редовниот даночен товар. Преголемиот број на даночни ослободувања произлегуваат од лажната претстава дека „сенешто кај нас е посебно“. Такви нешта најмалку има кај даноците, па оттука е оправдано нивното намалување“, нагласува Лазовски.
 
Тој исто така вели дека цела една област останува заборавена, а тоа се локалните даноци и такси, подрачје кое некогаш беше најдобро уредено.
 
„Некој се залагаше за ‘перманентна даночна реформа’, а некој не знае да подготви даночна реформа, поточно, се исплаши од спротивставувањата. Можеби ништо од ова не е точно или е само моја неточна перцепција, но е потврда дека најголеми противници на даноците се политичарите кои се на власт, а уште повеќе оние кои не се на власт. Политичарите поуспешно се снаоѓаат во улогата на растурачи на приходи, отколку во нивното собирање“, вели Лазовски.
 
Од Владата велат дека на предлогот кој беше обелоденет во четвртокот му претходеше широка дебата, во која беа опфатени разни структури во општеството – од бизнис заедницата, академската и научна јавност, невладиниот сектор… и дека она што е конципирано е резултат токму на овие дебати.
 
Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека на дебатите на кои што учествувал биле прилично критични на предлозите на министерот за финансии.
 
„Мојата идеја беше дека економските субјекти во услови на кога има повеќе кризи се исклучително сензитивни и дека секоја реформа може на еден или на друг начин да се одрази на околината. Односно, зависи од очекувањата. Може на пример во ‘нормално’ време фискалната реформа да има позитивен ефект, меѓутоа во услови на криза може да има преголема реакција и да предизвика даночна евазија. Така што, потребна е внимателност и да не се гледа само финансискиот ефект од реформите, туку и поширокиот економски ефект – дали ќе се промени однесувањето на субјектите“, вели Треновски.
 
 
Борче Треновски

Тој додава дека и самиот бил критичен бидејќи фискалните реформи не беа објавени, а беше пресметан буџетот, значи веќе имаше утврдено фискален ефект, а не се знаеше кои ќе бидат фискалните реформи.
 
„Во таа насока, имаше креирање неизвесност“, вели тој, додавајќи дека добро е што се објавија предложените решенија, како и дека е добро што во дел од реформите се ретерираше како со прогресивното оданочување, за оданочувањето на депозитите каде што фискалниот ефект е многу мал…
 
„Останува оданочувањето на луксузните добра, што е во ред, меѓутоа треба да имаме предвид и нешто друго, што ќе има фискален ефект следната година, а не е даночна реформа, а тоа е индексација на платите. Министерството за финансии со аранжманот со ММФ се обврзува дека ќе ги консолидира јавните финансии и каде треба да се насочат даночните реформи, како и дека ќе внимаваат на најранливите категории на граѓани, што со дел од даночната реформа се таргетира. Нема да се чепка даночната стапка кај основните производи, туку само на луксузните. Таму исто се обврзуваат дека ќе се намалуваат енергетските субвенции и дека ќе се грижат со нивните политики да не ја поттикнуваат инфлацијата, да ѝ олеснат на Народната банка“, вели професорот Треновски.
 
Тој смета дека даночната реформа се обидува да таргетира во таа насока – да нема претерано зголемување на даноците на основните производи за да не ја подгрее инфлацијата, иако се зборува за зголемување на ДДВ за електричната енергија што се разбира ќе има ефект на крајните потрошувачи.
 
„Да сумирам, генерално даночната реформа треба да биде целосно спроведена, што, според мене, се подразбира дека секоја институција која е поврзана со фискалниот синџир мора да преземе низа на активности во секој сегмент. Исто така, треба да се објави сеопфатна даночна реформа затоа што нашиот систем е зрел за даночна реформа. Фискалниот товар постојано расте и ние ќе мора да прибегнеме кон посериозна даночна реформа, затоа што на среден рок може да се најдеме во уште понеповолна положба“, вели Треновски.
 
Тој посочува дека даночната реформа ќе мора да се спроведе, иако времето е специфично и треба да се оди внимателно. Трите-четири столбови кои ги најави министерот за финансии се во ред, меѓутоа остварувањето на ефекти на секој од тие столбови не е едноставно.
 
„Проширување на даночната база генерално може да се направи на краток или среден рок. Меѓутоа, намалување на сивата економија, зголемување на ефикасноста на финансискиот систем, кој исто така е нотирано дека ќе се направи и во аранжманот со ММФ, исто и зголемување на ефикасноста на јавните инвестиции, за што имаме обврска. Тоа не се прави брзо, тука се потребни сериозни реформи, кои генерално, иако нема да имаат краткорочен фискален ефект, на среден рок ќе имаат многу голем ефект“, вели Треновски.
 
Тој нагласува дека Министерството за финансии мора да излезе со конкретен акциски план и мерки како ќе го направи тоа, односно да излезе со конкретна реформа во повеќе области. Не само со менување даночни стапки и структура на даноци, туку со реформа по области.
 
Во однос на прогресивното оданочување, Треновски вели дека во дискусиите посочувал дека повеќе реакции предизвикало оданочувањето на хонорарите и придонесите, отколку што предизвикало прогресивното оданочување.
 
Во однос на јавните инвестиции исто така е неопходно да се каже што ќе се направи за да се зголеми ефикасноста. Треновски вели дека во овој дел реформите беа повеќе технички, но за да се зголеми ефикасноста, мора да се прибегне кон сериозни законски промени во повеќе области, едукација и зголемена транспарентност и отчетност, а можеби и поголема казнивост на оние кои не ги исполнуваат критериумите или активностите.
 
„Значи, мора да се прибегне кон сериозна реформа на целиот систем, потребна е системска реформа“, вели Треновски, додавајќи дека со зголемување на капацитетот и ефикасноста на институциите ќе се обезбедат поголеми приходи отколку со едноставна промена на даночни стапки или воведување нови даноци.
 
Дури кога ќе се исцрпи силата од таа промена и реформа треба да пристапи на сериозни зголемувања на определени даночни стапки или воведување нови даноци за подрачја кои не се покриени, како даноци за миленици, зголемување на даноци за тутун, даноци на игри на среќа. „Целта е да не се оптоваруваат оние плаќачи на данокот кои веќе постојат, без да се намали сивата економија и да се зголеми ефикасноста. Треба да се покаже дека е собран максимален износ од она што е веќе направено, односно да се види дека се наплатиле и оние кои до тогаш не биле ненаплативи“, вели професорот Треновски.
 
„Кога велам реформа, тука мислам на системи на евиденција на компании, зајакнување на инспекторски служба, промена на електронски системи на пријавување и контрола… Тука треба големи промени. Данокот сам по себе и промена на стапката не е реформа“, вели тој, додавајќи дека времето не дозволува да останеме пасивни.
 
„Подобро е да почнеме сега со некои промени и подготовки, отколку да дојде ред да правиме сериозни резови и да воведуваме повисоки даноци да направиме шок и за бизнисите и за граѓаните“, нагласува професорот Треновски.