Реџепи го праша Мицкоски како ќе се определува правичната застапеност без балансерот


Фото: Б. Грданоски

Како ќе се определи етничката припадност при вработување со правична застапеност, праша пратеникот Скендер Реџепи откако Уставниот суд донесе одлука со која, како што истакна, нема да има изјаснување за етничката припадност. Прашање го постави до премиерот Христијан Мицкоски при што рече дека со ова не постои начин на утврдување на фактичната состојба со тоа колку има вработени од другите етнички заедници.

„Во врска со правичната застапеност имајќи ја во предвид одлуката на Уставниот суд каде што не се задолжува граѓанинот да се претставува по етникумот, значи етничката припадност не фигурира во ниту еден документ. Значи етничката припадност не се дефинира никаде, како вие како премиер или како другите министри или соодветните директори ќе определувате етничката припадност на вработените каде што вие ја водите“, изјави Реџепи.

Премиерот Мицкоски рече дека не сака да коментира одлуки на Уставен суд, но одговори дека при вработувањето клучен ќе биде квалитетот на кадарот а не етничката припадност и му забележа на Реџепи дека упорно ги етнизира прашањата. Притоа истакна дека Законот за правична застапеност е готов и дека тој е позитивно оценет и од Венецијанската комисија.

„Апсолутно се води сметка за правичната застапеност, јас сум личен гарант и тоа сум го кажал во минатото. Апсолутно можам да ве убедам дека квалитетот на луѓето без разлика од која етничка припадност доаѓаат треба да биде клучен и да биде приоритет и тоа е практично темелна уставна вредност и тоа е практично дел од меѓународните резолуции и конвенции“, вели Мицкоски.