Реџеп Исмаил: На градовите во Македонија им се случува „фавелизација“


На денешната собраниска седница, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, остро реагираше на предложените измени на законот со кои се предвидува продолжување на рокот за легализација на дивоградби, оценувајќи дека ваквото решение е штетно и носи сериозни последици.

Според Исмаил, со континуираното продолжување на роковите за легализација практично се обезвреднува кривичното дело „бесправно градење“, бидејќи наместо санкции, на нелегално изградените објекти им се овозможува дополнителна шанса за озаконување.

Тој посочи дека во изминатите 15 години во повеќе градови низ државата дошло до, како што рече, „фавелизација“ на централните градски подрачја, алудирајќи на неконтролирана и несоодветна урбанизација.

Пратеникот ја критикуваше и иницијативата што доаѓа од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), оценувајќи дека биле занемарени суштинските проблеми поврзани со урбанизмот и владеењето на правото, додека како приоритет повторно се наметнува продолжување на рокот за легализација.

Во своето излагање, Исмаил потсети и на трагичниот настан во Кочани, каде што во пожар во објект што функционирал како дискотека загинаа 63 млади лица. Според него, објектот бил легализиран токму врз основа на вакви законски решенија, наместо да бидат санкционирани оние што граделе бесправно.

Тој предупреди дека наместо да се создава правна сигурност и ред во урбаното планирање, со ваквите измени се испраќа порака дека бесправното градење може да помине без последици.

Предложените измени на законот беа изгласани денеска во Собранието на Република Македонија.