РЕДИ Рециклажа не работи повеќе во општините Карпош и Центар

РЕДИ Рециклажа, првото и единствено социјално претпријатие со лиценца за управување со неопасен отпад во Северна Македонија, информира дека, поради административни околности, е принудено да ги прекине своите оперативни активности во општините Карпош и Центар.
Од страна на Општина Карпош, беше побарано ослободување на просторот што РЕДИ Рециклажа привремено го користеше согласно Меморандумот за соработка. Поради недостиг на соодветен временски период за пронаоѓање алтернативна локација, приморани сме да ја суспендираме нашата бесплатна услуга за примарна селекција на отпад во овие општини.
Од 2021 година, РЕДИ Рециклажа на граѓаните на Карпош и Центар им овозможува примарна селекција на пластика, хартија и електронски отпад, директно во нивните згради, домаќинства и деловни простории. Над 20.000 граѓани секојдневно придонесуваа кон почиста и поодржлива животна средина преку нашите услуги.
„Свесни сме за влијанието на овој прекин врз граѓаните. Последниве денови добиваме бројни јавувања и прашања во врска со укинувањето на услугата. Искрено жалиме што не можевме да обезбедиме континуитет и уверуваме дека сите наши напори се насочени кон пронаоѓање ново решение. Поставените канти во овие општини ќе бидат повлечени до крајот на оваа недела“, велат од РЕДИ.
Во меѓувреме, активностите на РЕДИ Рециклажа продолжуваат во општините Кисела Вода и Аеродром, каде што остануваат посветени на создавање инклузивни и еколошки одржливи решенија за управување со отпад.
РЕДИ Рециклажа е социјално претпријатие посветено на формализирање на неформалните собирачи на отпад, кои најчесто доаѓаат од ромската заедница, обезбедувајќи им пристојни работни услови и интегрирајќи ги во формалниот систем за управување со отпад.