Речиси милион барања за азил во ЕУ минатата година


Агенцијата за азил на ЕУ соопшти дека минатата година биле поднесени 966.000 барања за азил во 27 земји на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија, што е за 50 отсто повеќе од 2021 година, пренесува Анадолија.

Тие барања за азил не вклучуваат повеќе од четири милиони украински бегалци кои избегаа во Европа во текот на годината, а на кои им е одобрена привремена заштита во ЕУ.

Европската агенција го поврза зголемувањето на барањата со постојаното ублажување на ограничувањата за патување поради Ковид-19, со загрозеното снабдување со храна и судирите во многу делови од светот.

Иако мнозинството баратели на азил влегуваат во ЕУ легално, главно со авион и со патни визи, некои без дозвола ги поминале и копнените и поморските граници на Унијата, главно преку Западен Балкан и Медитеранот.

По повеќе од една деценија војна и економски колапс во нивната земја, Сиријците се уште се најбројните баратели на азил во Европа со повеќе од 130 илјади барања.

По нив следат Авганистанците кои бегаат од безбедносните, хуманитарните и финансиските проблеми што следеа по преземањето на власта од Талибанците во август 2021 година, со 129.000 барања.

Европската агенција не прецизираше кои земји од ЕУ добиле најмногу барања минатата година, а некои независни истражувања наведуваат дека тоа се Германија, Франција, Шпанија, Австрија и Италија.