Речиси 300.000 дански пасоши издадени со грешка во отисоците
Меѓу 2014 и 2017 година во Данска биле издадени дури 288.000 пасоши, кои имаат грешка во отисоците на граѓаните кои ги поседуваат овие лични документи.
Пасошите биле издадени во три помали градови во Данска.
„Граѓанин сосема случајно ја открил грешката во 2017 година. Сега сме во дијалог со полицијата за да откриеме дали треба да се издаде нов пасош, место оној со грешка“, велат од локалната самоуправа.
„Разговараме и со оние кои ги изработуваат пасошите за да не се соочат граѓаните со двојни трошоци“, додаваат од таму.
Имено, грешката е во тоа што во податоците сочувани на пасошот, отпечатоците земени од десната рака, се сочувани како отпечатоци од левата рака и обратно.
Системот е воспоставен од фирмата Кубе Дата. Директорот на фирмата вели дека не биле свесни дека ова може да претставува проблем за јавноста.
„Само националната полиција има пристап до енкрипцијата каде е најдена грешката, а сите со вакви „погрешни“ пасоши можеле да патуваат со пасошот без проблеми“, вели тој.
Од полицијата велат дека откако ја откриле грешката во 2017 година, ни еден таков пасош повеќе не е издаден.