Речиси 30 отсто од луѓето кои останале без работа во ковид кризата се млади под 29 години


Секцијата на млади при Сојузот на синдикати на Македонија се приклучува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на младите и го поддржува барањето за нов социјален договор базиран на петте клучни принципи: работнички права, сигурни работни места, социјална заштита, заштита од дискриминација и инклузија во општеството.

Од Секцијата на млади при ССМ посочуваат дека од почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот, речиси 30 проценти од луѓето кои останале без работа се млади лица под 29 години што значи дека секој четврти човек кој останал без работа е млад човек.

– Според нашите податоци, најголем број на млади лица кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите лица се една од најранливата категорија на лица кога станува збор за работнички права, работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на понесигурни работни позиции, се наведува во соопштението од Секцијата на млади при ССМ.

Бараат ограничување на договорите на определено време од пет на една година по што работниот однос би се транформирал на неопределено време.

Само на тој начин, велат, ќе се спречи одливот на мозоци и младите ќе ја гледаат својата перспектива во сопствената држава.

Од Секцијата на млади при ССМ посочуваат дека работат на информирање и едукација на младите и дека е отворена бесплатна мобилна апликација „ССМ-мои работнички права“ на која може да се пријават прекршувањата на работничките права.

– Новата мобилна апликација, претставува една нова, современа и лесно достапна алатка за пријавување, консултирање и информирање за работничките права во најкус можен рок. Ги охрабруваме сите, особено младите луѓе да ја искористат оваа апликација и навремено да добијат информации за своите работнички права, нагласуваат од Секцијата на млади при ССМ.