Рецесијата во Германија е поради падот на приватната потрошувачка, германски компании заинтересирани за Македонија

Новата директорка на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Антје Ванделт, вели дека би сакала Северна Македонија да се позиционира во синџирите на снабдување, како пазар за германски инвеститори


Новата директорка на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Антје Ванделт

Нови германски инвестиции во земјава, но и зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Германија, најави денеска новата директорка на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Антје Ванделт, на првата средба со новинарите, откако пристигна во Скопје пред две недели. Ванделт зад себе има над 20 години работно искуство како директор на Германските стопански комори во Латинска Америка, Перу и Чиле.

Одговарајќи на прашањето на Независен, како рецесијата во која се најде Германија, по вчерашната објава на германскиот завод за статистика, ќе се одрази врз најголемата европска економија, но и врз трговската размена со Македонија и врз македонскиот извоз, Ванделт рече дека падот на економската активност во Германија се должи на падот приватната потрошувачка.

„Во однос на прашањето за рецесија, првично беше дека има пад на приватната потрошувачка, а причина за тоа е инфлацијата. Станува збор за глобална економска криза, а падот на потрошувачката се должи и на високите цени за греење и за енергија во текот на зимата и од тие причини луѓето штедат и трошат помалку“, рече Ванделт.

Таа додаде дека со доаѓање на летото, граѓаните нема да имаат толку високи сметки за потрошувачка на струја, гас и за греење.

„Во однос на трговската размена меѓу Македонија и Германија можам да кажам дека до нашата канцеларија пристигнуваат нонстоп барања од германски компании, инвеститори кои што се интересираат за овој пазар. Само овие две недели колку што сум тука веќе имаме добиено неколку барања од компании кои што се заинтересирани да инвестираат тука и да тргуваат со земјава“, рече таа.

Во тој контекст таа посочи компанија која што произведува батерии и компанија која што произведува текстил.

Во однос на компанијата која што произведува батерии, таа објасни дека батериите се за електрични велосипеди, тротинети за косилки за трева и слични уреди, односно машини кои што се користат во индустријата.

„Станува збор за браунфилд инвестиција со цел побрзо да почнат, но паралелно со тоа ќе има и гринфилд инвестиција до крајот на годинава“, посочи Ванделт.

Иако е само две недели во Македонија, Ванделт, рече дека веќе имала активности, при што ја издвои посетата на инвестиција во тетовски, каде што била претставена нова инвестиција на семејство од Македонија кое што има работено во Германија. Станува збор за компанијата „Мултипак Изаири“, единствена од овој тип инвестиции и ќе произведува кабли од бакар, а во иднина и цели цевки од бакар.

Во однос на главниот фокус на нејзиното работење (мандатот на првиот човек на Германската стопанска комора трае пет години, со можност за реизбор), Ванделт рече дека би сакала Северна Македонија треба добро да се позиционира во синџирите на снабдување, како пазар за германски инвеститори кои што би дошле во државата да инвестираат тука.

„Земјата е многу блиску до Германија, имаме добра логистичка поврзаност од што произлегуваат помали трошоци. Втората работа е ‘ниар шорингот’ односно македонските компании и македонското индустриско производство подобро да се позиционираат, не само на извоз на автомобилски делови, туку и на други стопански гранки и друг тип на индустрии“, рече таа.

Вториот клучен аспект е образованието, при што Ванделт посочи дека се основач на дуалното стручно образование по германски стандарди.

„Имаме два образовни профили, едниот е мехатроничари, а другиот е индустриски техничар, и овие два профили се од клучно значење за глобалниот синџир на добавувачи. Само со таков стручен кадар инвеститорите може да ги постигнат стандардите на квалитет кои што се бараат во светот. Тука имаме голем број на компании партнери, меѓутоа сакаме уште повеќе да се прошири дуалното образование бидејќи има потреба од тоа“, рече Ванделт.

Трет аспект е одржливоста во производните процеси, значи матрицата на зелена енергија, менаџирањето на отпад, но исто така и ефикасно користење на природните ресурси како што се водата и енергијата, а последна точка, но не помалку важна, е дека би сакала да работи со соодветни партнери и организации за улогата на жената во стопанството.

Во однос на наодите од последната анкета на Германското стопанство која што покажа дека околу 30 отсто од инвеститорите би ја промениле Македонија поради проблемите со корупцијата и забелешките околу нетранспарентноста во јавните набавки, таа рече дека на 7 јуни ќе бидат презентирани резултатите од најновата анкета за деловната клима за 2022 година.

„Работните услови имаат потенцијал за подобрување, исто како и во Латинска Америка. Транспарентноста е многу важна за Германија и таа е спремна да даде поддршка во тој дел, бидејќи германските инвеститори кои што се тука сметаат дека има простор за подобрување. Мислам дека ако се подобрат условите државата ќе привлече уште поголем број инвеститори и соработката ќе биде многу поедноставна“, рече Ванделт.

Во тој контекст таа рече дека трговската размена меѓу Германија и Македонија во 2020 беше 3,9 милијарди евра, а веќе во 2022 година имаше зголемување на 4,8 милијарди евра што во период на ковид и економска криза, за краток период е добро заздравување на економијата што сигнализира дека има подобрување и стабилност.