Рецензија: „Измамнички“
„Немој да ме пипкаш. Имам дечко!“, рече прекрасно направената Ен Хатавеј додека седеше на шанкот, а шепата на беневолентниот средовечник беше на нејзиното колено. „И јас исто“, возврати средовечникот. Набргу секси аурата испари како резултат на доаѓањето на полицајката. Средовечникот здодевно праша: „Ве праќа мојата сопруга?“ Полицајката рече дека не доаѓале заради него, туку заради неа, која била врвна измамничка. Потоа гледаме дека и полицајката била во игра…
Со овој цитат од филмов „Измамнички“ во режија на Крис Адисон, со Ен Хатавеј, Ребел Вилсон и Тим Блејк Нелсон, сакав да ви го доловам овој најнов тип комедија кој настанува како резултат на стилската презаситеност во меинстрим продукцијата. Ова се комедии кои изгледаат многу убедливо, иако реалноста во нив изгледа преиначено; иако таа тоа де факто не е. Еден од првите неколку успешни хитови од овој нов поджанр од областа на комедијата пред неколку години беше филмот „Шпион“. Карактеристично е што најчесто водечките ликови во овие продукции се жените, или доколку не се – тогаш се со многу жени. Но најчесто жените во нив се претставени самоиронично, со сите свои недостатоци на виделина. Така што не би можело да се каже дека во овие комедии егзистира некаков феминизам, но го имаат голиот факт дека жените се портретирани со истите недостатоци и доблести како машките ликови на нивно место. Во случајов станува збор за своевиден исклучок бидејќи женственоста (елегантноста, направеноста…) не е отсутна во оваа продукција. Но таа е повеќе неопходен алат отколку уметничка определба бидејќи станува збор за измамнички кои оперираат таму каде што има многу пари, па како некои со многу пари и мораат да изгледаат. Во една реплика се вели „не можеш да измамиш чесен човек“. Како демек жените да се почесни измамнички од мажите. Всушност многу вешто дијалогизираното сценарио нè воведува во насоката на размислување дека жените со својот перфиден наплив ги надминуваат мажите. Вроденото чувство за детали, трпеливост, деликатност и дволичност ги издигнува жените како врвни во светот на измамите. Ним никој ништо не може да им протури, но тие можат секого да го остават без здрав разум. Но како што се гледа и од разрешницата на заплетот, и жените можат да бидат измамени, доколку внесуваат емоции во донесувањето на одлуки. Заради ова последново тие се присилени да оперираат заедно со мажите, како и, доколку е тоа неопходно, да ги делат мажите меѓу себе. Во овој нов поджанр на комедијата, кој јас го нарекувам интелектуална комедија, сценаристите се потпираат врз интелектуалниот капацитет на гледачот. Можеби заради ова овој поджанр се појави многу доцна бидејќи сè до неодамна меинстрим публиката беше релативно проста.
Сега кога е поткована со интелектуалните предиспозиции здобиени со поефтинетите знаења од интернет, публиката може да се појави во голем број на благајните и на овие продукции. Докажано е дека главната реклама за меинстрим филмовите во последно време се квалитетните јавни односи (што е и според теоријата на швајцарскиот филозоф-лингвист Фердинанд де ла Шосур). Оваа теорија е наречена теорија на концентрични кругови, воспоставена според круговите кои се шират околу капката која паднала во водата. Капката е новата информација, промена или пронајдок, а круговите се јавноста. Така и во овој филм дејството се развива со претпоставка дека публиката веќе знае многу работи за жените, како на пример за женската психологија. Како што заклучува Елфриде Јелинек за еден свој лик во романот „Љубовничките“ опишувајќи една мајка – сите мислат колку добра и фина жена е таа додека го завива во пелени нејзиното бебе, а никој не знае дека би можела всушност да му го „цвикне“ вратчето. Така и во ова сценарио се настојува да се раскрие женскиот свет на лажните добрини, кои настанале како резултат на лажноста на нашата цивилизација. При ова, авторите не ги кудат престапничките, но не ги ни оправдуваат.
Овој продуктивен амбигвитет креира една напната слика на ненадминливиот материјален пост во кој се втурнати чесните граѓани, на кои од сè што имаат им преостанало да се имаат едни со други. Но чесните се премалку, многу повеќе се оние кои сакаат да ризикуваат со вонзаконието. Така се создава една атмосфера на напната игра на сомнежи, која е дотолку поинтересна бидејќи во игра се само неколку ликови. Значи, филмов е забавен. Збогатен е со шармот на преубавата Ен Хатавеј. Но овој филм е сепак само филмска забава. Најверојатно измамничките ќе ви се помалку интересни доколку некогаш сте биле измамени.
Игор Поп Трајков