Ребалансот на буџетот пред пратениците, забелешки од Фискалниот совет, незадоволство од судовите и Обвинителството

Фискалниот совет укажува на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, а Судскиот буџетски совет и Јавното обвинителство се незадоволни поради намалените средства


(Фото: Б.Грданоски)

 

Предлог-ребалансот на Буџетот за 2024 година уште првиот ден при неговото претставување пред членовите на матичната Комисија за финансирање и буџет наиде на сериозни забелешки од страна на Фискалниот совет, од каде што се загрижени за нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, но и незадоволство од Судскиот буџетски совет и од Јавното обвинителство поради намалените средства на кои м оже да сметаат до крајот на годинава.

Инаку, Предлог-ребалансот на Буџетот за 2024 година денеска и официјално го почна процесот на донесување во Собранието, откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го претстави пред пратениците, посочувајќи дека вкупните расходи годинава ќе бидат рекордни 5,89 милијарди евра, со буџетски дефицит кој од 585 се зголемува на 720 милиони евра. Приходите во Буџетот се проектирани на 5,17 милијарди евра, за околу 130 милиони евра повеќе од основниот буџет.

Во воведното образложение Димитриеска-Кочоска рече дека измените и дополнувањата на Буџетот за 2024 година се базирани на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, при што на расходната страна се обезбедени потребните средства за сервисирање на обврските на државата, како планирање на средства за кои иако имало обврска не биле предвидени, како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот.

Осврнувајќи се на макроекономските показатели годинава таа посочи дека во првиот квартал од 2024 година економската активност забележа реален раст од 1,2 отсто, со што продолжи динамиката од претходните квартали, која резултираше со низок просечен раст од 1% во текот на 2023 година.

„Растот во овој период се должи исклучиво на позитивните остварувања во услужниот сектор кој забележа зголемување од 4,1%. Активноста во услужниот сектор е на широка основа, при што дејноста трговија, транспорт и угостителство, која забележа зголемување од 6,9%, има најголем придонес кон растот“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

(Фото: Б.Грданоски)

Таа додаде дека во истиот период индустрискиот сектор забележа пад од 1,2 отсто, во чии рамки преработувачката индустрија забележа пад од 0,3 отсто. Во април 2024 година продолжи негативниот тренд кај индустриското производство, иако со забавена динамика, додека во мај падот значително се продлабочи и достигна 13,2 отсто на годишна основа.

„Покрај падот вo производството на електрична енергија, во мај значителен пад имаше и кај преработувачката индустрија (10,6%), при што најголем негативен придонес имаа дејностите во кои работат компаниите од индустриските зони“, рече министерката за финансии, додавајќи дека пад имало и кај градежната активност (2,5 отсто), а особено кај земјоделството, каде што е регистриран двоцифрен пад од 19,7 отсто, по падот од 15,3 отсто во претходниот квартал, со што продолжуваат негативните остварувања во овој сектор.

Како што нагласи Димитриеска-Кочоска, растот на економската активност е резултат на позитивниот придонес на домашната побарувачка, во услови на зголемени бруто инвестиции и зголемена потрошувачка, додека нето-извозот има негативен придонес кон растот. Бруто-инвестициите забележаа раст од 23,6 отсто, што претставува закрепнување по негативните остварувања во 2023 година поради искористувањето на залихите акумулирани во текот на 2022 година, во услови на зголемен увоз на капитални добра и пад на градежната активност.

Зборувајќи за растот на платите таа рече дека просечната нето-плата во април 2024 година забележала номинален раст од 13,7 отсто и реален раст од 9,3 отсто на годишно ниво.

„Растот на нето-платата е на широка основа и е регистриран во речиси сите дејности, при што најголем годишен раст на нетоплатата бележат секторите образование (21,8 отсто), земјоделство (18,6 отсто) и информации и комуникации (18,0 отсто)“, рече Димитриеска Кочоска.

Поволни трендови има и кај странските директни инвестиции, кои во првото тримесечје изнесувале 290,2 милиона евра и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 134,1 милион евра, што главно се должи на зголемениот прилив по основ на сопственички капитал и должнички инструменти.

Исто така, се забележува и надолен тренд кај инфлацијата, која за годинава се предвидува да изнесува 3,5 отсто, а во првата половина од 2024 година беше 3,7 отсто на годишно ниво.

„Послабото остварување во 2023 година во однос на очекуваното, податоците за економските движења во првата половина од 2024 година, како и понеповолното меѓународно окружување, условуваат надолна ревизија на очекувањата за раст на домашната економија годинава, кој е проектиран на ниво од 2,1 отсто, наспроти растот од 3,4 отсто согласно претходните проекции од декември 2023 година. Растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето-извозот се очекува да има негативен придонес врз растот. Приватната потрошувачка и понатаму се очекува да биде еден од главните двигатели на растот, поддржана од растот на расположливиот доход и од солидната кредитна активност на банкарскиот систем“, рече Димитриеска Кочоска.

Осврнувајќи се на предложениот ребаланс на Буџетото, таа рече дека измените и дополнувањата се насочени кон ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со макроекономските движења во првата половина од годината, реструктуирање на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски, како и оптимизирање на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит.

„Со ревидираните проекции на расходната страна се изврши намалување кај несуштинските трошења и кај проектите со позабавена динамика на реализација, а едновремено се обезбедија средства за доспеаните законски обврски, како и за новите политики на Владата за линеарен пораст на пензии, локални инфраструктурни проекти. Со ова ниво на буџетска потрошувачка се овозможува нормално и непречено функционирање на институциите, исполнување на обврските кон меѓународните кредитори, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните и бизнис заедницата. Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи на Буџетот, првично планираниот дефицит од 3,4 отсто од планираниот БДП е ревидиран на повисоко ниво утврден на 4,9 отсто од планираниот БДП, односно од 33,5 милијарди денари е проектиран на ниво од 44,7 милијарди денари. Отстапувањето од фискалното правило се должи пред се на потребата за обезбедување на неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските. Вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година“, рече Димитриеска Кочоска.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6 отсто, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 отсто на 4,9 отсто од БДП.

„Отстапувањето од фискалното правило се должи пред сѐ на потребата за обезбедување на неопходни средства наменети за исплата на плати за кои се проектирани дополнителни средства од околу 4,1 милијарди денари, за усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, обезбедување на дополнителни средства за исплата на апанажи на функционерите“, рече меѓу другото Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека за исплата на пензии, се обезбедени дополнителни 5,1 милијарди денари, од кои 2,5 милијарди денари ќе бидат наменети за дополнителен пораст од 2.500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија.

(Фото: Б.Грданоски)

Капиталните расходи се планирани во висина од 45 милијарди денари на ниво на иницијалниот Буџет 2024 година, а при тоа е извршено ревидирање на капиталните проекти со позабавена динамика пред се кај капиталните проекти кои се реализираат на посебните сметки, вклучувајќи ги заемите и донациите.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од од 44,7 милијарди денари и отплатата на долгот во износ од 39,0 милијарди денари (од кои за надворешен долг 20.3 милијарди денари и за домашен долг 18,7 милијарди денари) ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Предвиденото ниво на домашно задолжување изнесува 55,1 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со домашни хартии од вредност и/или домашен заем. Задолжувањето во странство ќе се реализира преку повлекување на средства од втората транша од кредитната линија на ММФ за претпазливост и ликвидност во износ од 119,3 милиони СПВ, прва транша од заем од ЕУ за макрофинансиска поддршка во износ од 50 милиони ЕУР, билатерален заем во износ од 500 милиони евра, како и преку повлекување средства од други кредитни линии од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти и/или буџетски дефицит.

Износот на државниот долг на Република Северна Македонија на 31.03.2024 година е 7.543,9 милиони евра, односно 50,4 отсто од БДП, а на јавниот долг 8.769,9 милиони евра, односно 58,6 отсто од БД, стои во образложението доставено до пратениците.

Согласно Ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг за 2024 – 2026 (со изгледи до 2028 година), државниот долг на крајот на 2024 година ќе забележи благо зголемување и ќе изнесува 52,1 отсто, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 61,7 отсто.

Обраќајки се пред пратениците, претставникот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, рече дека е за поздравување брзиот ребаланс на Буџетот со цел да се усогласи со макроекономските движења. Според оценатата на ФС ревидираните проекции за економскиот раст и за инфлацијата ги одразуваат фундаментите на македонската економија и претставуваат реална основа за изработка на ревидираниот Буџет за 2024 година.

Сепак, во нивната анализа, се укажува и на бројни предизвици што треба да се земат  предвид, како на пример, дека нивото на јавните приходи, особено приходите од даноци и придонеси, не можат да генерираат приходи што трајно би поддржувале толку високо ниво на јавна потрошувачка како процент од БДП.

„Гледано од тој аспект, неопходно е забавување на растот на јавните расходи во однос на растот на номиналниот БДП и нивно сведување на долг рок на 33–34 отсто од БДП колку што дозволува издашноста на сегашниот систем на даноци и придонеси. На тој начин ќе се консолидираат јавните финансии и ќе се воспостави контрола врз буџетските дефицити и јавниот долг“, рече Бишев.

Во однос на буџетскиот дефицит кој се предвидува да се зголеми за 11 милијарди и 156 милиони денари или, пак, за 33,3 отсто или кумулативно ќе изнесува 45 милијарди денари, тој рече дека доколку се оствари предвидениот економски раст (од 2,1%) би изнесувал околу 4,8% до 5% од БДП.

 

„Оваа динамичка асиметрија директно ќе влијае врз растот на јавниот долг, кој и така ја надминал формалната законска граница“, рече Бишев.

Кај приходната страна неминовно е да се влезе во процес на постепено создавање на фискален простор преку постепено зголемување на јавните приходи, најпрво преку поефикасна наплата и проширување на даночната основа, преку опфатот, а потоа и преку постепено усогласување на даночниот систем со земјите на ЕУ и имплементација на сложен даночен систем. Ефективните даноци како и ефикасната наплата на јавните приходи, со посебен акцент врз ДДВ и акцизите, треба да бидат приоритет, посочуваат од Фискалниот совет.

Во однос на ефектите од најавеното зголемување на панзиите, од Фискалниот совет посочуваат дека вкупните долгорочни буџетски ефекти се проценуваат на 25,8 милијарди денари, доколку не дојде до нова промена на пензиите.

Најголемите ефекти по буџетот би се реализирале во 2025 и 2026 година, кога буџетот ќе треба да обезбеди дополнителни дотации за ФПИОМ во износ од 9,5 милијарди денари и 8,1 милијарди денари, респективно. Со тоа, учеството на буџетските дотации во задолжителното финансирање на пензиите во 2025 година, би достигнало 37,5%.

„Тоа би бил висок товар за буџетот кој во изминатите три години во просек остварува буџетски дефицит над 4,5% од БДП. Фискалниот Совет предлага, доколку се пристапи кон зголемување на пензиите над пропишаното правило, мерката за пензиите треба да биде пропратена со други мерки кои треба да овозможат зголемување на приходната страна на буџетот и на пензискиот фонд, како што се мерки за зголемување на возраста при пензионирање што ќе биде во согласност со зголемувањето на животниот век на населението и потребата од квалификувана работна сила, подобрување на наплатата на придонеси и даноци, сузбивање на сивата економија и разгледување на можноста за зголемување на стапката на пензиски придонеси имајќи во предвид дека истата е на умерено ниво во однос на земјите од регионот“, рече Бишев.

Со бројни забелешки во однос на предложениот ребаланс беа и Силвија Јаневска, претставник на Судски буџетски совет и Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кои укажаа дека кратењето на средсвата за судската власт ќе има негативни последици како врз извршувањето на нивните редовни обврски, така и на преземените активности.

По паузата, седницата на Комисијата за финансирање и буџет треба да продолжи по 14 часот. (М.Ј.)