Ребаланс на Буџетот: Расходите ќе изнесуваат 3,95 милијарди евра, дефицитот 6,8 отсто од БДП


Државата годинава ќе потроши 3,95 милијарди евра, за 1,4 отсто повеќе од предвидувањата од почетокот на годинава, а дефицитот во државната каса ќе достигне 6,8 отсто од домашниот бруто производ, што е значително зголемување во однос на 2,3 отсто колку што беше проектирано претходно. Вкупните приходи сега се проектирани на 3,2 милијарди евра или за 400 милиони евра помалку од првичните проекции. Покривањето на дефицотот ќе се направи со задолжување од меѓународните финансиски институции, од домашните банки преку државни хартии од вредност, како и со издавање на еврообврзница во износ од 800 милиони евра.

Ова денес го соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска која на прес конференција го презентира ребалансот на Буџетот кој беше донесен вчера на седница на Владата. Во ребалансот се вградени и досега преземените мерки на Владата за поддршка на стопанството и граѓаните поради корона кризата, како и третиот сет мерки кој допрва ќе биде соопштен и кој ќе биде насочен кон директна поддршка на граѓаните и стопанството со цел да се поттикне економскиот раст. Третиот пакет се уште се дебатира.

„Главниот пристап кон конципирање на Буџетот за 2020 година беше инвестирање во човечкиот капитал. Од денешен аспект се гледа дека овој пристап беше целосно исправен“, рече на прес конференцијата министерката Ангеловска.

Таа додаде дека ребаланост на Буџетот е резултат на влијанието на корона кризата врз македонската економија што предизвика пад на приходите во Буџетот и потреба да се пренаменат средства за приоритетните потреби.

„Ребалансот е за закрепнување и рестарт на економијата во услови на криза поради Ковид -19 “, рече Ангеловска. Објаснувајќи го зголемувањето на расходите, таа рече дека во вакви услови е неопходна експанзивна монетарна и фискална политика, илустрирајќи дека повеќе други држави тоа го направиле многу повеќе од Македонија (Србија за 22 отсто, Чешка за 7 отсто итн.)

Вкупниот буџетски дефицит изнесува 750 милиони евра и е за 283 милиони евра поголем од претходно предвидените 470 милиони евра. Ваквиот дефицит е резултат на намалените приходи за 400 милиони евра, односно од предвидените 3,6 милијарди на 3,2 милијарди евра и зголемувањето на расходите за 50 милиони евра, рече Ангеловска. (М.Ј.)