Реакција од Владата: Не се точни наводите од обраќањето на родителите од Кочани
„Сведување на дискусијата на ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо“, реагира Владата по шокантната објава на родителите од Кочани

Владата преку Секторот за односи со јавноста тврди дека со пренесување на јавното обраќање на родителите од Кочани се правело злонамерно дефокусирање. И дека таа прави сѐ да се решат проблемите по трагедијата во Кочани и ќе прави уште повеќе. Таа тврди дека наводите во обраќањето не биле точни. И повторно апелира да не се злоупотребувале овие настани и ќе им помогне колку што може на семејствата.
Еве ја реакцијата на Владата во целост:
„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина.
Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења.
Ова писмо од родителите и роднините е потсетник дека мора да се решаваат проблемите и да се демонстрира волја и одлучност да се помогне уште повеќе и уште подецидно.
Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија, затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме.
Сведување на дискусијата на ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни, што е несоодветно и неточно.
Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа.
Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици. Затоа што ова е и наша болка и тага, и тие не се мерат и споредуваат, туку се докажуваат со дела кои ние ги правиме и планираме да ги правиме.
Апелираме да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, а владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции“.