Реакција од Град Скопје: „Лицето Орце Ѓорѓиевски кажува лаги за автобуси од Белград“
Лаги, неспособност, Путин, руски структури, приватизација на ЈСП – овие и многу други работи се споменати во реакцијата на Град Скопје по вчерашната изјава на градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. Тој вчера рече дека ќе биде добро ако од Белград стигнеле најавените автобуси за помош на градскиот превоз на Скопје, затоа што градските власти не си ја вршеле работата.
„По изјавите на лицето Орце Ѓорѓиевски каде вчера коментира за некакви автобуси од Белград, не ни е јасно дали некој го мести да делува недоветно или самиот си верува во лагите кои ги кажува и со кои редовно се бламира пред јавноста.
Имено, од информации пласирани во јавноста автобусите ‘Соларис’ за кои раководството на градот Белград најавило дека ќе ги донира во Македонија се наменети за сите градови во земјава. Ако ја следиме логиката на Орце Ѓорѓиевски, тогаш, сите градоначалници во земјава според него се неспособни да си ја вршат работата, а особено градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ каде се извршува јавен превоз“, се вели во реакцијата.
Од Градот велат дека со оваа изјава на Ѓорѓиевски се потврдувала информацијата пласирана во јавноста во изминатите денови од лице „блиско до руските структури во земјава и истовремено блиско до ВМРО-ДПМНЕ, на кое пред две години му беше оневозможено да врши дејност во Скопје поради сомнеж за финансиски малверзации, кое изјави дека планира со 100 автобуси да отпочне повторно со вршење на оваа дејност.
Дали со оваа донација од Белград се подготвува ова лице, блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП. Дали оваа најавена бизнис зделка е причината зошто Советот на Град Скопје раководен од ВМРО-ДПМНЕ системски го уништува ЈСП ‘Скопје’, не дозволува набавка на нови автобуси и зошто не се исплаќа владиниот долг од 8 милиони евра кон ЈСП за превозот на студентите?“
Понатаму од Градот Скопје му порачуваат на „лицето Орце Ѓорѓиевски“ посериозно да се посветело на својата работа, а помалку да се грижи за работата на другите градоначалници. „Ова лице како претседател на ЗЕЛС целосно ја киднапираше и политизираше институцијата, поради што за прв пат по 50 години постоење градоначалници ја напуштаат оваа сега партизирана организација. Ѓорѓиевски треба да одговори, не со празни флоскули туку со докази и бројки, колку од проектите од неговата предизборна програма реализирал и дали е вистина дека реализацијата е под 15 отсто од ветените проекти“.