Реакција на Египет, Ирак и Јордан: Израел го турка регионот во отворена војна


Во заедничка изјава објавена денеска шефовите на дипломатиите на Египет, Ирак и Јордан ја осудија, како што се наведува, израелската агресија против Либан и истовремено предупредија дека Израел го турка регионот во отворена војна, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).Министрите за надворешни работи на Египет, Ирак и Јордан – Бадр Абделати, Фуад Хусеин и Ајман Сафади имале средба во Њујорк, на маргините на 79. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), на која, според заедничката изјава, разговарале и за организирање на троен самит во Каиро.Воедно, тројцата шефови на дипломатии апелираат до меѓународната заедница и Советот за безбедност на Обединетите нации да преземат одговорност за ставање крај на војната на Блискиот Исток.

Осврнувајќи се на опасната ескалација тензиите во регионот, министрите оценуваат дека запирањето на оваа ескалација започнува со запирање на израелската агресија во Газа. Според либанските власти, во израелските воздушни напади кои траат од понеделникот (23 септември) убиени се повеќе од 550 луѓе, додека илјадници бегаат од југот на земјата барајќи засолниште на други места во Либан.

Нападите од двете страни на либанско-израелската граница се интензивираа по смртоносниот напад врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври 2023 година. Групата Хезболах, која како и Хамас ја има поддршката на Иран, рече дека нападите врз Израел ќе продолжат се додека не се постигне прекин на огнот во Појасот Газа. Според здравствените власти во Газа кои се под контрола на Хамас, во војната меѓу Израел и милитантната група досега се убиени повеќе од 41 460 луѓе  во палестинската енклава.

Соединетите Американски Држави, Египет и Катар досега во неколку наврати се обидоа да посредуваат за прекин на огнот меѓу завојуваните страни, но без успешен исход.

Израел соопшти дека и денеска продолжува со нов бран воздушни напади во Либан, за кои велат дека се насочени кон вооружувањето и инфраструктурата што ги користи Хезболах.

Претходно утрово израелската војска соопшти дека пресретнала ракета која била истрелана од Либан, а која била насочена кон цивилни области во главниот град на Израел, Тел Авив.

Во врска со нападот преку соопштение се огласи и Хезболах, од каде што велат дека цел на балистичката ракета што ја истрелале било седиштето на израелската разузнавачка агенција Мосад, која Хезболах ја смета за одговорна за за убиствата на нејзини водачи и експлозиите на пејџери и други безжични уреди во Либан што се случија минатата недела.Хезболах вчера потврди дека уште еден од неговите високи команданти бил убиен во израелските напади врз нивното упориште Дахиех, во Бејрут. Станува збор Ибрахим Кубаиси, висок претставник на Хезболах, одговорен за ракетните единици на групата.