Реакции во Србија и во Грција на провокацијата од Каракачанов


Бројни реакции во Србија предизвика мапата на вицепремиерот  и министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, на која се наоѓа голема или Санстефанска Бугарија, во која се наоѓаат и Ниш и Врање. Ова не е негов прв шовинистички излив, потсетуваат медиумите, бидејќи тој пред еден месец ги нарече Србите „окупатори“ на Македонија.

Каракачанов го честиташе Денот на жената на невообичаен начин, затоа што на картата на земја што не постои, напишана е силуетата на мајка со дете и пораката „традиција, семејство, вредности“, при што  Северна Македонија, дел од Грција и јужна Србија, вклучително и Ниш и Врање беа припоени кон Бугарија. Овие граници останаа неостварен сон на Софија, освен кратки периоди од Првата и Втората светска војна, кога беа извршени злосторства на окупираните територии, чија крајна цел беше бугаризирање на населението – потсетува Новости.рс.

Новости исто така пишува дека министерот за одбрана е познат по шовинизмот уште од порано, затоа што рече дека Србите се „окупатори“ на Северна Македонија и тој се побунил заради наводното зајакнување на српското културно влијание во Македонија. Новинарите испратија прашања во врска со овој инцидент до Конзулатот на Бугарија во Ниш и ги прашаа како ставовите на Каракачанов од честитката на 8 март влијаат на дипломатските односи меѓу двете земји.

И бројни Грци реагираа на оваа  големобугарска „честитка“ на профилот на Фејсбук каде што  ја објави Каракачанов.