Реакции во Косово: Oбјавената слика од силување во војната не е автентична
Косовските медиуми изразија сомневање во автентичноста на сликата што вчера во Собранието ја покажа пратеничката Фљора Бровина, која тврдеше дека се работи за доказ за силувањата што српските воено-полициски сили ги вршеле во Косово во последната војна.
Бровина од собраниската говорница покажа слика на која, според неа, се гледаат тројца српски војници како силуваат 35-годишна жена, пред членовите на нејзиното семејство. Пратеничката на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) изјави дека сликата е пронајдена во фотографскиот апарат на српски војник, дека лично ја познава жртвата и дека добила дозвола од неа и нејзиното семејство да ја објави.
По ова, неколку косовски медиуми објавија дека фотографијата е веројатно сцена од порнографски филм, пронајден на интернет-сајтови во Ирак, кои го користат како пропаганден материјал за да ги обвинат американските војници за наводно силување на ирачките жени.
Објавувањето на фотографијата од страна на Бровина, а потоа и сомневањата за нејзината автентичност предизвикаа бурни реакции во косовската јавност, со обвиненија на сметка на ПДК дека ги злоупотребува жртвите на војната и му нанесува штети на Косово во настојувањата за расветлување на злосторствата извршени од српската држава во последната војна.
Поранешната претседателка на Косово Атифете Јахјага објавувањето фотографии на жртви на силување го оцени како „одвртно и срамно“.
Со тоа, според Јахјага, одново се трауматизираат жртвите на сексуално насилство во војната.
– Одвратно е, бедно и срамно како една пратеничка во Собранието на Косово, која некогаш креваше рака против правата на жените и мажите кои беа сексуално силувани во војната во Косово, денеска ја искористи токму зградата на Собранието за да објави пред медиумите фотографија за која тврди дека го документира чинот на силување на жена Албанка од тројца српски војници, напиша Јахјага, која за време и по истекот на претседателскиот мандат се ангажира за правда за жртвите на сексуалното насилство.
Васфије Красниќи – Годман, жената која прва јавно проговоре за сопственото силување од страна на српски полицајци во војната, апелира да се внимава на чувствата на жртвите на сексуалното насилсто, „без разлика каде тоа се случува и кои се силувачите“.
– Не ја користете нашата болка и страдања за вие да имате корист. Ми го скршивте срцето, порача Красниќи – Гудман преку својот Твитер.
Таа упати апел и преку својата страница на Фејсбук.
– Најмалку нам (на жртвите) ни треба да гледаме такви работи, затоа што ова е една од неправдите што ни се нанесуваат, напиша Красниќи – Гудман.
Претседателката на опозициската партија Алтернатива, Мимоза Кусари – Лила оцени дека вчера губитник беше Косово, но и самата Фљора Бровина, која ја објави спорната фотографија.
– Таа (Бровина) покажа дека наспроти нејзините убедувања и нејзината работа, сепак мислењето на некој друг во партијата ја натерало да ја направи таа грешка, за која ќе бидат потребни месеци и години за да се исправи, доколку воопшто може да се исправи. Жртвите беа силувани уште еднаш, сите до една, во државата која го изгубила чувството за правда, напиша Кусари – Лила.
И лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД), Шпенд Ахмети, вели дека „штетите што му се предизвикаа на Косово и на жртвите на насилство со лажната фотографија се огромни“.
Според него, Србија сега ќе продолжи со пропагандата дека немало злосторства во Косово, „туку само лажни фотографии како оваа денес“.
– И да платеа нашите непријатели немаше да им испадне подобро. Кој ја организира сета оваа срамота? Кој ќе излезе пред жртвите и пред семејствата на жртвите да им каже дека лажел со фотографија кога за тоа немало потреба, зашто докази има на сите страни. Ова е непростливо, порача Ахмети преку својот Фејсбук.
Пратеникот од редовите на ПСД, Дардан Молиќај изјави дека Собранието треба да излезе со изјава за дистанцирање од тоа што го направи Бровина и побара од безбедносните органи да ја откријат вистината за објавената фотографија.
Молиќај побара оставка од Бровина, но и од пратеничката на Движењето Самоопределување (ВВ) Саранда Богујевци, која вчера, според него, рече дека семејството на силуваната жена од сликата било истрауматизирано и побарало од медиумите истата да не ја објавуваат.
– Доколку се испостави дека се невистинити наводите на двете пратенички, и на Саранда Богујевци и на Фљора Бровина, двете треба да поднесат оставки, изјави Молиќај, кој побара и прекин на собраниската седница за формирање комисија за меѓународен суд за српските воени злосторства во Косово се додека не се утврди како точно се случи тоа што се случи вчера.
Богујевци, пак, изјави дека била погрешно разбрана и дека се обратила во име на други семејства на жртви на насилство во војната, кои се обратиле до Косовскиот центар за рехабилитација на жртвите на тортура (КЦРТ) со барање да бидат поштедени од такви глетки.
По повод објавувањето на сликата и сомнежите во нејзината автентичност, реагира и новинарката Арбана Џара, која непосредно пред парламентарните избори во јуни 2017 премина во редовите на ПДК.
Џара на својот профил на Фејсбук напиша дека нејзината сопартијка Бровина дозволила да биде злоупотребена за политички цели и дека ѝ направила услуга на Србија.
– Доколку се утврди дека фотографијата не е од жртва во Косово ќе се злоупотреби од Србија за да го негира силувањето на 20 илјади жртви во војната во Косово. Оваа политичка неодговорност ќе се претвори во тежок удар за жртвите на сексуално насилство во Косово. Доколку сликата не е автентична ѝ доделивте силен пенал на Србија. Госпоѓа Фљора самата била малтретирана од српскиот режим, жал ми е што дозволува да биде злоупутребена за политички цели, напиша Џара.
Поетесата и активистка за човекови права, актуелна пратеничка на владејачката ПДК, Фљора Бровина, ја објави сликата од наводното силување на Албанка од српски војници, како и една слика на починато седум годишно дете, за кое рече дека е жртва на силување од српските сили, на вчерашната седница на Собранието, на која беше усвоена „Резолуција за геноцидот на Србија за време на војната во Косово во 1998-99 година“.