Реакции: Системската корупција нѐ убива!


На социјалните мрежи има бројни реакции на јавни личности и на граѓани околу трагедијата што не разбури утрово а се случи во Кочани. Поентата од сите нив е дека неодговорноста не убива и ништо не се прави да се смени системот. Еве некои од нив:
 
„Години на молк секогаш водат до минута молк. Оваа педа земја денеска мириса на смрт. Бесна сум и гневна од сите импровизации, од потписи и лиценци на пусулчиња за пари, од немање контрола врз ништо, од криминал пред кој се молчи со години, од НЕОДГОВОРНОСТ за ништо, од крив ни е кабелот, па натаму. Данокот денеска го плаќаме со загубени над 60 животи на млади луѓе оти од нашиот речник е избришан зборот ПРЕВЕНЦИЈА.
 
„Ако овој случај не се истера докрај, тогаш сериозно не ни останува ништо друго освен куферчето, оти и воздухот овде е неподнослив за дишење. Во буквална смисла“.
 
„Сите трагедии во историјата на Македонија, со запалени автобуси, модуларни болници и дискотеки, се имаат случено затоа што тој што требало да постапува – не постапил. Во различни ситуации тој некој бил различен батка – ама секогаш со непостапување и неследење на законските прописи и несанкционирање, довел до тоа да умрат многу луѓе. И секогаш останувал на слобода тој некој – уште побогат и уште поспособен да корумпира корумпирани мајмуни во сите институции. Имам човек ваму, ќе фатам човек онаму, ќе средам итн. Е, затоа да знаеме сите дека секогаш кога во рамките на нашите надлежности нема да постапиме, тоа е отворање на вратата за домино ефект од нови непостапувања и умирачки. И, да знаеме многу убаво, дека од оваа корупција, не е безбедно да живееме во Македонија“.
 
„Правилникот од Министерството за економија кој определува минимални технички услови за извршување на угостителска дејност налага дека диско/ноќен бар/кабаре мора да има најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од 100 гости, но и помошни излези – по еден за секои двеста гости, што значи дека ако сакате да правите забава со 1.000 гости треба да им обезбедите и пет помошни излези. За да добиете лиценца треба да имате и соодветна вентилација, која обезбедува промена на воздухот 20 пати за еден час, како и соодветна звучна изолација согласно прописите за заштита од бучава.Погледнете како изгледа една пријава до Министерство за економија, Државен пазарен инспекторат! Погледнете какви сѐ услови секој еден газда во оваа држава кој има диско или ноќен клуб потпишал и тврди дека ги исполнува.
Погледнете каде треба да одите според Законот и погледнете после каде одите во реалноста“.
 
„Ќе доаѓа некој политичар на конференција, настан, претстава, концерт ќе донесат 50 луѓе да проверуваат, па кучиња, па хемичари, уште марсовци што нема… Па, од кај ќе влагал, кој ќе се движел, да не е меѓу луѓе дека нели небезбедно за него…Кога ќе се организираат забави за деца, мува не ги лази. Епа кога животот на политичарите платени од НАШИТЕ пари што ги двоиме од оние за НАШИТЕ деца е повреден од живот на НАШИТЕ деца, пораките на сочуство се лицемерие! Џабе е се денес. Им ја одзедовме иднината на стотина деца“.
 
„Сите сега имаме многу да кажаме, сакаме да кажеме дека сме знаеле дека ќе дојде до ова, дека сме шокирани, лути и имаме право на тоа. Она на што сакам сега да предупредам е дека на социјалните мрежи се делат фотографии од починатите изгазени или изгорени во пожарот. Немојте, имајте милост. Страшно е. Помислете на нивните родители, браќа, сестри. Немојте. Надлежните нека работат, тоа е важно овие денови. Има време за барање политичка одговорност и протести. Сега треба да се соберат докази за конкретна одговорност. Од државниот врв очекуваме целосна посветеност за да нема пропусти во истрагата. Претседателката да се соземе, не можеме сега да мислиме на неа колку е таа потресена и шокирана. Корупцијата во сите пори од општеството сите ќе не убие. Системската корупција не’ уништи. Сите нѐ убива“.
 

„Ваква трагедија Македонија не памети. Над педесет жртви, бројка која за жал веројатно ќе расте. Нашите срца, мисли и молитви се со семејствата и цело Кочани“.

„Од искра се запалил кровот. Дискотеката е градена од што, картон? Како објектов добил дозвола за градба, технички прием?! Корупцијата во градежниот сектор и генерално УБИВА! Ако и овој пат дозволиме “кабелот да биде крив” треба да се самоукинеме како држава!

„Само прашај“ во јули лани, по повод големите пожари објави сторија дека Македонија е единствена држава во регионот која нема Центар за изгореници. Сме имале, но еве редица власти досега одлучиле дека нам тоа не ни треба. Невидена лесностија на неодговорност“.
 
„Што уште треба да се случи да се всади во менталитетот тукашен дека не за џабе се поставуваат стандарди и правила и дека тие мора да се следат? Болница изгоре, дискотека изгоре, алооо живи луѓе изгореа!“
 
“Реадица неодговорно и непрофесионално однесување стои зад трагедијава: ало газда, ало организаторе, ало инспектори? Пиротехника на сцена во објект со низок плафон? Низок плафон без соодветна заштита и очигледно лесно запалливи кровни материјали? Еден излез? Малолетници во три часот по  полноќ во клуб?“
 
„Овој систем е нефункционален. За да преживееме ние граѓаните ни треба ресетирање и нам и на Македонија. Ни треба поинаква поисветеност. Потребен е систем кој ќе биде функционален, со луѓе кои знаат и можат. треба да се впрегне целиот општествен капацитет, да се ослободи просторот за тие кои се кадарни , а не простор заробен од политичките елити кои го негуваат  ваков никаков за да можат тие да функционираат, а не ние“.
 
„Трагедија по трагедија! Еден куп повици за освестување дека мора да постојат закони, правила, прописи, стандарди и еднаквов третман за сите! Не смее да постојат лични врски, партиски врски, врски со локални и национални власти! Треба ли уште десетици, стотици луѓе да загинат за да го сфатиме ова! 51 млади луѓе загинаа во Кочани синоќа, стотици се повредени! Одговорност мора да има! Непоштедна борба со корупцијата мора да има! Дојде време да си ги чуваме децата во четири ѕида, и ние самите да останеме во четири ѕида. Човек не може ни да претпостави од кај ќе те тресне“.
 
„Што правите за да не се повтори?Или и ова ќе помине па ќе продолжите да се борите за идентитет, грб, химна и редица други глупости?“ 
 
„За ова да се нарече дискотека треба да се поминат следните институции:
1. Издавање на лиценца за работа:
• Министерство за економија – Издава лиценца за вршење угостителска дејност за ноќни клубови, дискотеки, кабареа и други објекти од овој тип.
• Општините – Локалната самоуправа издава одобрение за работа, во зависност од урбанистичките и безбедносните услови.
2. Контрола и инспекциски надзор:
• Државен пазарен инспекторат – Врши редовни и вонредни контроли за почитување на законите, како што се работното време, дозволениот број гости и условите за работа.
• Државен инспекторат за труд – Проверува дали вработените работат во согласност со трудовото законодавство.
• Инспекторат за животна средина (локално ниво) – Надгледува дали клубовите ја почитуваат регулативата за бучава и заштита на животната средина.
• Полиција (МВР) – Го контролира редот и мирот, проверува безбедносни мерки, влез на малолетници и дозволи за работа после полноќ.
• Противпожарна служба – Врши проверки на противпожарната заштита и евакуациските планови.
Ако сите овие потпишале дека ова да може да работи како дискотека тогаш може да се самораспуштиме како држава. Сепак, некој потпиша за автобусот дека беше исправен, некој потпиша дека модуларната беше безбедна. Некој оваа шупа ја има легализирано како диско/ноќен клуб/кабаре“.
 
„Корупцијата, партиската благодарност, “јас ќе ти средам брат” ликови и сите останати небитни клошари кога ќе се обесат на државна цицка и глумат величина ја закопаа државата. Неуки, дрски, неморални и комплетно незапознаени со етика луѓе работат на позиции кои треба да ни гарантираат стандарди и безбедност во градби, во транспорт, сегде, на сите нас. Ќе средиме брат. Еве средивте“.
 
„Длабоката причина лежи во културата на општата распашаност под закрила на моќта. Всушност, на некултурата.На презирот кон работата, кон образованието, кон кариерата темелена на знаење и труд, на желбата за задоволства и успеси сега, по секоја цена, на интересот личноста да се остави дома и да се претопи во масата надвор. Личноста, всушност се оделото, патиките, очилата, џипот, моторот, со кои луѓето ја покриваат својата грозна голотија. Сега кога ќе почне да се бара одговорност, се ќе се потисне со пораките дека некои сакаат да профитираат од жртвите. Па нормално дека ќе профитираат, но тоа не е причина да не се утврдат имињата на сите … одговорни за волкаво количество на смрт. Неверојатно и неподносливо“.
 
„Немаше да упатувате сочуство да си ја завршивте работата како што треба“.
 
„Ова е уште едно убиство извршено од страна на сериските убијци ‘ајде, бе, лако чемо и имам врски“.
 
“До кога ќе трпуме да не завиваат во црно. Заедно со Кочани и цела Македонија е завиена во црно! Од небрежност, од негрижа, од споулавена трка за пари, од поткупливост на сите нивоа, од наша инертност, од нашиот молк! Срам да им е на сите одговорни“.
 
„Сите сме виновни. Тие – заради корупција, издавање дозволи, лиценци за несоодветни објекти, автобуси, разни импровизации, пропаганда за замајување…. Ние – што дозволивме да ни се случува се ова, особено во последните 20 години“.
 
Се огласи и професорката Катица Кулавкова со потресен пост. 
 
„ПИСКОТНИЦИ СЕ СЛУШААТ ОД КОЧАНИ ДО НЕБОТО!
Малку е да се каже трагедија за ова што ноќеска се случи во Кочани, во шупата наречена диско;

Малку е да се каже дека им се случил пекол наместо живот на 70 (?) убави млади луѓе;

Малку е да се каже дека стотици семејства се уништени;

Малку е да се каже дека ни во војна не гинат толку бесмислено и толку одеднаш, толку невини;

Малку е да се каже дека Македонија е опасно место за живеење;

Малку е да се каже дека Македонија стана дувло на нечесни, несовесни, криминогени суштества;

Малку е да се каже дека Македонија е проколната, инаку како да се сфати тоа што со невидена мрачна „леснотија“ гинат Македонците, во пожар и по патиштата, од загаден воздух и лоша храна;

Малку е да се каже дека ништо не е случајно, ништо не е без причина;

Малку е да се каже дека останавме сите без збор!

Туку бар некаква поука да извлечеме за отсега па натаму: поважен е животот на луѓето од било какви политички илузии за интеграција, од било какви ефемерни интереси на среброљупците и властољупците…Не, нема збор за утеха, само го молам Бога и ги молам луѓето да спасат што може да се спаси и да помогнеме сите со она што можеме да помогнеме!И да не се повтори! Никому, никогаш!“