Реакции од светските лидери по историскиот договор помеѓу Русија и Украина за извоз на жито


Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска изрази олеснување по потпишувањето на договорот за ставање крај на блокадата на украинскиот извоз на жито, нарекувајќи го „светилник на надеж“ за светот кој се соочува со криза со храна, посредникот Турција го нарече „историски“, а Брисел, Г7 , Вашингтон повикаa на брза имплементација и најавиja дека внимателно ќе го следат почитувањето на преземените обврски.
 

Договорот „го отвора патот за големи количини комерцијален извоз на храна од трите клучни украински пристаништа во Црното Море – Одеса, Черноморска и Јужни“, рече Гутереш во Истанбул.

„И да нема сомнеж – ова е договор за светот“, нагласи тој.

Испраќањето на резерви на жито и храна на светските пазари ќе помогне да се „премости глобалниот јаз во снабдувањето со храна“ и да се стабилизираат глобалните цени на храната, според генералниот секретар на ОН. „Тоа ќе им донесе олеснување на земјите во развој на работ на банкрот и најранливите луѓе на работ на глад“, рече Гутереш.

Ердоган: Блокираното жито наскоро ќе биде подготвено за извоз

Блокираното жито наскоро ќе биде подготвено за извоз, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Со почетокот на бродскиот сообраќај во наредните денови, ќе отвориме нов коридор од Црното Море кон другите земји во светот“, рече тој, нарекувајќи го „историски ден“.

Шојгу: Русија нема да ја искористи ситуацијата

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, потписникот на договорот во име на Москва, изјави дека Русија „ги презема своите обврски“ од договорот и нема да ја искористи ситуацијата.

„Нема да го искористиме тоа што пристаништата ќе бидат исчистени (од мини) и отворени. Ние ја презедовме оваа обврска“, посочи тој.

Мишел: Овој договор може да биде од корист за милиони

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го поздрави договорот.

„Овој договор може да биде од корист за милиони ширум светот“, напиша тој на Твитер.

„Строгото спроведување на договорот сега е од најголема важност за тоа да успее“, додаде тој.

ЕУ: Чекор во вистинската насока

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел го поздрави „истанбулскиот договор како чекор во вистинската насока“ кон деблокирање на извозот на украинското жито, велејќи дека тоа е „клучна фаза во напорите да се надмине глобалната несигурност во храната предизвикана од руската агресија врз Украина“.

„Руската инвазија на Украина остави милиони луѓе во опасност од глад“, рече тој.

Што рекоа САД и Г7?

Г7 внимателно ќе го следи спроведувањето на договорот за Украина да не се изложи на „дополнителен ризик од напад од Русија“, изјави во петокот канадскиот премиер Џастин Трудо.

„Г7 тесно соработува со партнери како Турција и други за да се осигураме дека можеме да го извадиме тоа жито од Украина и на места низ светот каде што е потребно без да го загрозиме суверенитетот и заштитата на Украина“, рече канадскиот премиер.

САД ќе работат на тоа Русија да го почитува договорот, изјави американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд. САД, исто така, бараат Кина да престане да собира жито и да донира повеќе за да ги задоволи глобалните хуманитарни потреби, изјави за новинарите Џејмс О’Брајан, шеф на канцеларијата за координација на санкции на Стејт департментот.

Соединетите држави, исто така, сакаат Кина да престане да собира жито и да понуди повеќе за да ги задоволи потребите за глобална хуманитарна помош, изјави за новинарите Џејмс О’Брајан, шеф на Канцеларијата за координација на санкции на американскиот Стејт департмент.