Разузнувачи ќе проверуваат дали Македонците што бараат бугарски пасоши се Бугари


Агентите на Државната агенција за национална сигурност (ДАНС) ќе се приклучат на новоформираниот Советодавниот совет на Извршната агенција за Бугарите во странство. Агентите заедно со историчарите во Советот ќе проверуваат дали странците кои бараат бугарско државјанство, а немаат документи со кои се потврдува нивниот корен, навистина имаат бугарско потекло. Таков проблем наводно имаат  потомците на Бугарите во поранешните југословенски републики, а особено во Македонија.

Со сите овие случаи се занимавала Државната агенција за Бугарите во странство до 2021 година. Посебна комисија во неа барала документи за потекло, статистика, мислења на историчари, правела интервјуа со кандидатите итн. Доколку докажела дека барателот е потомок на Бугарин, агенцијата му ја издавалаи потребната потврда за тоа. Но, по низа скандали, во 2021 година пратениците на Народното собрание ја прекинаа оваа практика со промена на Законот за државјанство. Причина беа откритијата дека без основа и со поткуп се издавани потврди на Македонци, Срби, Албанци и слично.

Во 2018 година специјализираното обвинителство го уапси тогашниот шеф на агенцијата, Петар Харалампиев. Тој помина 8 месеци во притвор, а во 2019 година беше ослободен со кауција од 100.000 лева. Конечно пред 3 години парламентот ја затвори таа комисија, а самата агенција се трансформираше во извршна. Уште тогаш беше планирано сертификатите за потекло да се издаваат од целосно нов Советодавен одбор, но немањето редовна влада го одложи нејзиното формирање. Тоа доведе до акумулација на досиеја, но и до пад во поднесувањето на апликациите. Според податоците на медиумот  „24 часа“  во 2019 година имало 10.688 барања за државјанство на лица од Македонија, додека за периодот од 2020, 2021 и 2022 година тие изнесувале нешто повеќе од 8 илјади. Падот, исто така, се совпаѓа со бугарското вето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.