Разузнавачите ќе добијат бенефицирана пензија


Група пратеници во Собранието предложија измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Со Предлог-законот за изменување и дополнување ќе се  дорегулираат  одредбите што се однесуваат на  членувањето во вториот пензиски столб, определувањето на пензијата и други прашања од интерес на осигурениците и корисниците на пензија.

„Во Република Северна Македонија, задолжителното пензиско и инвалидско осигурување како област е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Заради доуредување на состојбите во однос на членувањето во вториот пензиски столб, определувањето на пензијата и други прашања од интерес на осигурениците и корисниците на пензија, потребни се предметната измена и дополнување на законот.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се врши дополнување на членот 118, во однос на престанокот на членство во вториот пензиски столб на осигуреници на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење.

Во главата VII се додава категоријата осигуреници вработени во Агенцијата за разузнавање, како овластени службени лица со право на стаж на осигурување со зголемено траење (бенефициран стаж) и можност за остварување право на пензија под посебни услови. Со предложената измена и дополнување, исто така, се усогласува текстот на законот со Законот за акцизите“, се вели во законското образложение.