Разрешувањето на Весна Дамева било незаконско, одлучи Управниот суд
Разрешувањето на Дамева од целата експертска јавност беше оценето како скандалозно затоа што не беа испочитувани правилата на работата на Судскиот совет
Поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева ја доби правната битка во Управниот суд околу нејзиното скандалозно разрешување оваа пролет.
Управниот суд донесе одлука со која решението на Судскиот совет со кое Весна Дамева, беше разрешена од претседателската функција е поништено.
Ова е денеска вториот настан во кој драматично е вклучен Судскиот совет откако утринава претседателската на Врховниот суд, Беса Адеми, беше испрашувана од Дисциплинската комисија на Советот, на која подносителот на иницијативата Миљазим Мустафа побара нејзино разрешување, па дури во расправата ѝ се закануваше со затвор и од неа бараше да одговара со да или не на прашањата.
Разрешувањето на Дамева од целата експертска јавност беше оценето како скандалозно затоа што не беа испочитувани правилата на работата на Судскиот совет. Дамева потоа поднесе тужба до Управниот суд, а и пријава до јавното обвинтелство.
Нејзиното разрешување беше осудено и од меѓународните претставници во земјава, а беше оценето и како контроверзно во Извештајот на Европската комисија за Македонија. Тоа предизвика и ЕУ да испрати Оценска мисија која го разгледа работењето и поставеноста на Судскиот совет и предложи 40 мерки за подобрување на неговата работа.
Министерот за правда, Кренар Лога ја поздрави оваа одлука на Управниот суд.
„Со ова се потврдуваат сите наводи на министерот кои во изминатиов период ги имаше за работењето и постапувањето на Судскиот совет со што се докажува дека на оваа институција ѝ се неопходни реформи“, стои во соопштението од Министерството за правда.
Оттаму дополнуваат дека одлуката на Управниот суд влева надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на право.
Од Судскиот совет за МИА изјавија дека ќе се чека на пресудата, бидејќи и тие за ова дознале од медиумите.