Разрешувањето на претседателката на Антикорупциска во Собранието ќе биде естрада, вели Мицкоски


 

ВМРО-ДПМНЕ се дистанцираше од одговорноста да преземе чекори во Собранието за разрешување на претседатлката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, откако против неа обвинтелството за гонење организиран криминал поднесе две обвиненија. ВМРО-ДПМНЕ нема да иницира постапка за нејзино разрешување, рече денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој беше прашан дали неговата партија ќе поднесе барање за разрешување со оглед дека со таа собраниска комисија раководи владејачкото мнозинство. 

Мицкоски рече дека во политиката има и морална одговорност и не треба да се прави естрада.

„Имам чувство дека има поединци кои се обидуваат политиката кај нас да ја направат естрада. Што дека ВМРО-ДПМНЕ или која било политичка партија ќе поднесе. Ете, видовте, за Судскиот совет поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму, илјадници евра на грбот на граѓаните добиваат. Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Пости морален чин на одговорност, ако чувствува некој треба да отстапи, да заврши со таа работа, а за кривична – тука се обвинителствата, судовите, тие нека гонат доколку има кривична одговорност. А ние сега да правиме естрада, во парламентот, па тоа ништо не значело според Уставот итн., Повеќе немаме намера да се занимаваме со такви работи“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настан во Тетово. 

Според него, во животот постоеле два начина на одговорност – морална и кривична.

„Еден е морален, кога човек треба самиот да се повлече кога ќе направи грешка додека извршува функција, и вториот е кривична одговорност доколку има сторено кривично дело“, додаде Мицкоски.