Разрешувањето на Дамева од Судски совет е незаконско, реагира Блупринт групата
Многу познавачи на настаните во правосудството уште вчера изјавија дека скандалозното разрешување на претседателката на Суудскиот совет, Весна Дамева, е целосно незаконско, а денеска во подолго образложение го објаснува тоа и Блупринт групата за реформи во правосудството. Оваа група од седум организации и здруженија е целосно изненадена како еден орган кој треба да биде врвот во судската власт надлежен за правилно функционирање на судиите да се однесува толку незаконски.
„Изненадени сме од постапувањето на одредени членови на Судскиот совет на РСМ кои што инсистирале на внесување на точка на дневен ред и истовремено одлучување по истата без притоа да се почитува Законот за судскиот совет од причина што законодавецот во Законот не предвидел постапка за разрешување на претседател на Судски совет.
Во оваа насока би сакале да укажеме дека недоволното регулирање на одредени законски одредби не значи и несоодветно постапување односно произволно толкување на постоечките одредби. Одговорноста на член на Судскиот совет е предвидена во Законот за судскиот совет, со конкретни одредби за дисциплинска одговорност на член на Судскиот совет со наведување на основите за поднесување на барање за дисциплинска постапка за член на Советот. Понатаму е предвидена и постапката за одлучување по барање за покренување на дисциплинска постапка за член на Советот. Но во ниту една одредба од законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судски совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност. Исто така, сакаме да укажеме дека ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби кои ја уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судски совет на РСМ, што значи дека правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет на РСМ не постои. Уште повеќе, според Деловникот тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот“, велат од Блупринт групата во своето соопштение.
Од таму додаваат дека „самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судски совет на РСМ предвидува дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија“.
Во реакцијата се наведува и дека никогаш не се случило Судскиот совет на РСМ да донесе одлука спротивно на Закон за судскиот совет на РСМ и Деловникот на Судскиот совет. Блупринт групата апелира до членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација, и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет на РСМ.
Околу ова реагираше и Антикорупциската комисија, која во официјално соопштение ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
По повод овие случувања, Државната комисија за спречување на корупцијата очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти.