Разрешување на академикот Љупчо Коцарев на дневен ред во Собрание
Разрешувањето на првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев, е една од точките на дневен ред на македонското Собрание. Станува збор за неговата втора функција – член на Националниот совет за високо образование и за научно-истражувачка дејност, каде што на предлог на МАНУ е избран во април 2021 година од страна на Собранието. Поради недоаѓање на работните состаноци на Советот, од ова независно стручно тело е доставен предлог тие што го избраа – сега да го разрешат.
Според она што стои во предлогот Коцарев подолго од шест месеци не присуствувал на состаноците на кои се расправа и решава за развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во Македонија. Станува збор за платена функција во тело кое има законска обврска да одржува состаноци барем еднаш месечно. Националниот совет има 15 член. од кои најголем број професори од универзитетите предложени половина од фелата, а половина од Владата, од МАНУ и од деловната заедница.
Името на Коцарев веќе подолг период место со науката се врзува со политиката, така што во политичките кулоари тој се споменува како можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ или на Левица во претседателската трка. Неговите настапи во последниот период се на таа линија при што стана претпознатлив по тврдиот став кон договорите на Македонија со Грција и со Бугарија.