Разрешената директорка на демирхисарската гимназија на информативен разговор во полиција

Разрешената директорка на Гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска се појави на информативен разговор во демирхисарската полициска станица. Таа беше разрешена на 4 август по одлука на градоначалникот и по налог на Просветниот инспекторат, поради утврдени неправилности во работењето.
Од МВР соопштија дека против Лозановска имало пријава и постоеле основи за сомневање за кривично дело „одземање печат и службени документи“. На 8 август, полицијата изврши претрес во нејзиниот дом во потрага по печатот на училиштето, во период кога таа била на боледување. Поради изјавата на полицискиот началник дека и на носилки ќе ја донесе на разговор, иако имало налог само за претрес, МВР покрена дисциплинска постапка против него.