Разрешена директорката на Филхармонија Тина Иванова, нов директор е Даниел Лазаровски
Поради несовесно и неекономично работење, министерката за култура ја разреши директорката на Филхармонија, Тина Иванова.
Според министерството, по извештајот од извршениот увид на Комисија од Министерството за култура, на 6 септември 2023 г., во документацијата на НУ Национална филхармонија и констатираните бројни законски повреди и неусогласености во работењето, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донесе одлука за разрешување на директорката Тина Иванова.
„Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор. Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија“, велат од Министерството за култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска донесла одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија, бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор .
„Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата. За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата“, додаваат од ресорното министерство.
Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и , како врвна национална установа, мора да биде водена професионално, велат од Министерството за култура.
Во јавно обраќање Тина Иванова вели дека не е разрешена од функцијата директор поради несовесно работење како што е наведено во дописот од страна на министерката, туку поради отпорот Здружението на џез-музичари да се смести во Филхармонијата.
„Единствената причина за разрешувањето е фактот што како директорка, на грешната и неодржлива одлука на министерката, застанав на страната на колективот и на страната на институцијата. Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на Филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет се до вчера ги испраќаше во Филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да и го испорачаат од неа бараниот материјал и не утврдија никакви неправилности во моето и работењето на работењето и на институцијата“, вели Иванова.