Разрешен заменик-министер во Албанија затоа што пушел цигари во ресторан во САД


Mинистерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, донесе одлука да го разреши својот заменик, Анди Махила, поради непочитување на забраната за пушење во угостителски објект.

Во Фејсбук објава на својата официјална страница, таа истакна дека до ваквата мерка дошло откако добила претставка од албански државјанин кој живее во Њујорк.

Според жалбата, Махила за време на службен престој во САД пушел цигари во ресторан, што предизвикало револт кај присутните гости.

„Од граѓанин што живее во Њујорк добив пријава дека заменик-министерот за внатрешни работи пушел цигари во ресторан, во присуство на него и неговото семејство. По направената проверка, ја донесов одлуката за негово разрешување“, наведе министерката.

Кочиу нагласи дека станува збор за сериозно прекршување на правилата и дека ваквото однесување не може да се оправда.