По две години се обезбеди мнозинство: Разрешен Јово Вангеловски


Две години по поднесувањето на предлогот за разрешување на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, членовите на Судскиот совет конечно собраа мнозинство и го разрешија претседателот на највискиот суд, и од претседателската и од судиската функција.

Покрај Вангеловски, разрешена е и судијката Рахилка Стојковска, а за судијата Ристо Катавеновски, за кого е одвоена постапката поради здравствени проблеми, ќе се одлучува дополнително. Двајцата судии се разрешени со седум гласа „за“ поради нестручно и несовесно работење, односно бидејќи со нивните гласа беше донесена одлука да биде ослободен од притвор бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот на СЈО „Труст“, кој тогаш беше во бегство.

Предлогот за утврдување на одговорноста на Вангеловски беше поднесен за време на мандатот на претходниот претседател на Советот, Зоран Караџовски, но тој оваа точка не ја стави на дневен ред.

Ова беше втор мандат на Вангеловски на чело на Врховниот суд, а неговото име постојано се поврзуваше со претходната власт поради неговите кумски врски со поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски. Но и по промената на власта тој го доби претседателското место во највисокиот суд. Една од најконтроверзните одлуки која ја донесоа врховните судии со убедливо мнозинство за време на неговиот втор мандат, беше начелното правно мислење со кое го прогласи Специјалното јавно обвинителство за ненадлежно да покренува истраги и и да отвора предмети по спорниот рок. Со ова правно мислење почна правното тонење на Специјалното јавно обвинителство, а најголема корист од ова извлекоа осомничените во случајот „Империја“, кои Врховниот суд ги пушти на слобода.

Вангеловски дојде на судското место од адвокатските кругови, а според неговиот анкетен лист тој е еден од најбогатите судии. Сега Вангеловски има право на жалба на одлуката пред Врховниот суд, а за вршител на должност, на негово место е назначен судијата Фаик Арслани. Тој е избран за судија во Врховен суд во 2010 година откако долго време бил судија во гостиварскиот суд.

Името на Вангеловски се најде и во посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство во кој беше наведено дека носел одлуки во дослух со  претходната власт, но овој извештај немаше правна разрешница.

Разрешувањето на Вангеловски беше ставено на дневен ред на седницата на Судскиот совет на 17 јули, но беше одложено на барање на новоизбраниот член Миљазим Мустафа, кој изјавил дека доцна ги примил материјалите од извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет, која предложи Вангеловски да биде разрешен.Судскиот совет требаше да расправа за разрешувањето на Вангеловски и на седницата на 10 јуни, но новиот претседател на Советот, Киро Здравев, на дневен ред стави тројца други судии, од кои двајца се врховни и токму Вангеловски им поднел иницијативи за разрешување.

Разрешувањето на Вангеловски доаѓа по јавната кавга меѓу градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети кој го обвини премиерот Зоран Заев, дека барал од него да смени претседател на суд. Тој пак во изјава за медиумите рече дека некои во Судскиот совет, алудирајќи на членовите избрани по предлог на ДУИ, го кочат, односно одолговлекуваат носењето на одлука за разрешувањето на Вангеловски.