Различни лидери, иста реторика


ТВ 21 направи компаративна анализа на реториката на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 15 години од која се гледа дека оваа партија не мрднала ни милиметар во политичкиот развој и дека и тогаш и сега си придава месијанска улога,а целта и е само да дојде што побргу до избори. Еве ја анализата на ТВ 21: 

„Знам дека можеби и ние сме грешеле. Да, сме грешеле, луѓе што работат  грешат, и во име на тоа јас ви се извинувам, еве јас прифаќам се на себе“, вели Христијан Мицкоски.

„Можеби некој од вас се разочарани, од некои наши слабости, грешки, пропусти и ние сме живи луѓе и ние грешиме“, вели Никола Груевски.

Различни лидери, седум години подоцна, слична реторика. Едниот од предизборен митинг, другиот на одбележувањето на 130 години од историското ВМРО. Прво извинување до симпатизерите, а потоа драма. Барање масовно да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да формираат Влада, која нема да биде уценувана, а со тоа ќе се спречи и уништување на Македонија.

За разлика од неговиот претходник кој велеше дека тогашните функционери работат под странско сценарио, сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ е малку подиректен па вели дека светот и Европа, работат на распарчување на ВМРО-ДПМНЕ. Она што повторно е заедничко за двајцата е тоа што, според нив, нивната партија стои на браникот на државата, јазикот, идентитетот.

„Ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска, Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и оние 44 пратеници да изгласаат предавнички уставни измени во Парламентот скроени под Бугарски диктат. Светот и Европа тоа го размислуваат денеска и праваат план како да не скршат. Немојте да мислите дека Димитар Ковачевски, Али Ахмети или Бујар Османи се тие“, вели Христијан Мицкоски.

„Ви кажуваме многу отворено многу јасно, што и следи на Македонија од сценаристите кои го најмиле Заев да го спроведе сценариото…Се работи за Македонија, внимавајте се работи за Македонија, се работи за иднината на нашата држава, нашата заедничка татковина, немојте после некој да ни рече што не ни кажа, бидејќи појасно од ова не знам како да ви кажам“, вели Никола Груевски.

Во 2016-та Груевски предупредуваше дека ја губиме државата со двојазичноста, дека државата ќе се кантонизира, дека ќе се брише македонскиот јазик и идентитет со Преспанскиот договор. Седум години подоцна, нема кантонизација, државата постои, а постојат и македонскиот јазик и идентитет.

Седум години подоцна Мицкоски вели дека сегашните функционери го продаваат македонскиот народ, односно идентитетот и јазикот и дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја има таа историска чест да го брани македонскиот народ.

Но, и двајцата во нивните говори ја кажуваат вистинската цел од ваквата реторика.

„Да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори“, порача Христијан Мицкоски.

„Ние сите ги сакаме и почитуваме. Но, јасно предупредуваме што ќе и следува на Македонија ако ВМРО-ДПМНЕ не добие 63 пратенички места“, вели Никола Груевски.