„Блажени сме ние што Блаже е нашата мудроносна блажевина“ – во Небрегово промовирана „Разговори за Конески“ од Огнен Јанески

Книгата е завршен производ на работа од две години, при што, освен подготовките за нејзината реализација, се направија и емитуваа единаесет интервјуа во рубрика со ист назив како и книгата на ТВ 24, а со еминетни македонисти, истражувачи и познавачи на ликот и делото на Блаже Конески


Најновата книга на уредникот и водител во ТВ 24, Огнен Јанески, со наслов „Разговори за Конески“, беше промовирана во Спомен-домот на Блаже Конески, во родното село на кодификаторот на македонскиот јазик, Небрегово, Прилепско.

Книгата е завршен производ на работа од две години, при што, освен подготовките за нејзината реализација, во текот на мината година (2021) кога се одбележуваше и Годината на Блаже Конески, што беше дел и од календарот на настани на УНЕСКО, се направија и емитуваа единаесет интервјуа во рубрика со ист назив како и книгата на ТВ 24, а со еминетни македонисти, истражувачи и познавачи на ликот и делото на Блаже Конески. Во неа се поместени разговори со проф. д-р Трајко Стаматоски, проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Максим Каранфиловски, писателката Јагода Михајловска-Георгиева, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, д-р Весна Костовска, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, проф. д-р Људмил Спасов, колумнистот Ерол Ризаов, доц. д-р Ана Витанова Рингачева и со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Освен разговорите, во ова дело се објавени и значајни текстови од Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, академик Георги Старделов, проф. д-р Живко Цветковски и професорот Атанас Конески, кој воедно е и редактор на книгата, но, беше и модератор на денешната промоција.

Атанас Конески истакна дека оваа книга ги сочинува мислите на сите тие кои својот живот го посветиле на истражувањата за Блаже Конески, но исто така ја посочи и важноста од работењето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ која беше клучна во реализацијата на оваа книга, а минатата година одбележа дваесет години од своето основање, заедно со 100-годишнината од раѓањето на наддржавниот авторитет, Блаже Конески.

Рецензенти на книгата се проф. д-р Живко Андревски и проф. д-р Цане Т. Мојаноски.

Професорот Андревски рече дека во објавените интервјуа и прилози во „Разговори за Конески“ постигнат е висок комуникациски квалитет.

– „Тие (разговорите) се одликуваат со богатство на мислата, згуснатост на идејата, широчина на разговорливоста, раширеност во мудроста, строгост во изразот, точност во пораката, сочност во јазикот, автентичност во стилот. Очигледно е дека разговарале искрени и мудри соговорници. Или: сознанијата и теоретските елаборации се презентирани директно, јасно и редовно потхранувани со настани, ликови и идеи од дневната човекова практика. Од аспект на придвижувачот/двигателот на разговорите може да се заклучи дека се интервјуирани соодветни и компетентни соговорници, цврсто се придржувало до темата на разговорот, со почитување на достоинството и следење на мислата на соговорникот и неговата мисла во  целина. Обезбедена е и спонтаност и насоченост истовремено, постигната е искреност со поттикнување на испиративни ставови, идеи и промисли.“ – истакна професорот Андревски при своето обраќање на промоцијата.

Професорот Т. Мојаноски рече дека во книгата може да се идентификува способноста на Конески, да се препознаат историските корени и творечкиот дух, да се продолжи врз основите на јазичната платформа и реформа на Крсте Петков Мисирков, кој инспириран од концептот на Гоце Делчев – „Македонија на Македонците“ – ги исцртува јазичните и културните специфичности на македонскиот народ, но сега во нови услови на АСНОМ-ските темели, тој нам ни ги нуди Азбуката, Правописот, Речникот и основите на современиот македонски јазик.

– „ Книгата „Разговори за Конески“ е своевидна резбана кутија, која со многу усет, дарба и врвно мајсторство Огнен Јанески, ја обликува и нејзината внатрешност ја обвива со ред кадифе, ред срма и во облик на своевидна амајлија ја нуди, сместена во кориците на ова издание, кое обилува со орнаменти искитени со зборови, налик на „поетовиот занает да прави џиџиња од зборови“, нешто што е убаво, што ќе ве трогне, што ќе ве допре, ќе ви ја стопли душата, ќе ви го разигра во срцето, ќе ви избистри умот. Затоа, секој труд и резултат од него, се повеќе постануваат дел од еден ôд во иднината и бесконечноста.“

На промоцијата беа присутни дел од соговорниците во книгата, како и еминентни, македонисти, редовни и професори во пензија, истакнати научници и претставници на Институтот за македонска литература, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Фондацијата за македонски јазик, „Небрегово“, Завод и музеј – Прилеп, ученици од средните училишта во Прилеп.

Авторот Јанески кажа дека оваа книга има огромно значење за него, особено приватно, зашто има поврзаност за неговата фамилија, но и за сите идни генерации кои имаат намера да го истражуваат Конески.

– „ Прадедо ми Шаќир Војвода ги знаел предците на Блаже, зашто одел кај нив во Небрегово. Потоа, Блаже отишол да живее кај него во Софија, сосема случајно. Иако многу повеќе за периодот во Бугарија знам од анегдотите на баба ми, д-р сци Надка Гермова Бабиќ, сепак преданијата во „Разговори со Конески“ (1991) од Цане Андреевски се токму нишката на спојувањето преку страниците на кои се раскажуваат неговите доживувања таму, а и нишката која се продолжува преку ова дело, „Разговори за Конески“. Сепак, на патот кон сето ова искуство, ние не смееме да заборавиме дека слободата да продолжиме и стамено да чекориме со сиот наш габарит, му ја должиме токму само на еден – по раст ситен, а по ум џиновски наш род за мудрото изобилство, содржан во животописот на великанот Блаже Конески. Блажени сме ние што Блаже е нашата мудроносна блажевина.“

Книгата е издадена со финансиска поддршка на македонското Министерство за култура, од издавачката куќа „Култура“, а уредничка е Гордана Војнеска.