Разгледница од Подгорица: Град навидум лежерен, но проткаен со европски шарм

Градот денес е жива модерна метропола која го чува своето минато и со оптимизам гледа кон иднината


Подгорица – За некој што никогаш не бил во главниот град на Црна Гора, Подгорица, првиот впечаток којшто го остава е уреденоста на зеленилото, жардиниерите и по некоја палма по главниот булевар, чистите улици, динамичното градење и проширување на градот, што не го попречува секојдневниот животен ритам. 

Кога ќе прошетате низ Подгорица во дневните часови, не може а да не се забележи таа балканска лежерност, но со доза на модерен европски шарм, проткаен со динамичност и мултикултурност. Градот денес е жива модерна метропола која го чува своето минато и со оптимизам гледа кон иднината.

Подгорица е град којшто балансира меѓу традицијата и модерното, меѓу природата и урбаното живеење. Неговата отвореност, гостопримливост и стратешко позиционирање ја прават примамлива дестинација за туристи, инвеститори и сите кои сакаат да ја искусат авентичната црногорска атмосфера.

Нашиот престој беше во модерниот дел на градот, каде што се одржуваше работилницата за новинари од Западен Балкан во оранизација на WeBalkans, а на која разменивме мислења со колегите од регионот за новите текови во начинот на справување со дезинформациите. Во тој дел на градот се наоѓаат и неколку поголеми хотели, кои беа преполни со туристи од целиот свет. 

Во урбанистичка смисла, Подгорица е град на контрасти, спој на старото и новото, со делови од градот коишто имаат типична историска архитектура, градби од социјалистичкиот период, меѓу кои впечатливата зграда на Радио-телевизија Црна Гора. Во изминатите децении градот доживеа интензивна урбанизација со модерни квартови, мостови и модерна архитектура со современи трендови кои користат челик и стакло.

Омиленото место за излегување на Подгоричани е Бокешка улица, којашто е пешачка зона. Во текот на целиот ден до доцните вечерни часови кафулињата долж улицата се преполни, чиниш никој никаде не брза, туку опуштено го поминува времето со пријателите.

Легендата за „дојч“ кафето

Во Подгорица, пиењето кафе е повеќе од обично уживање – тоа е вистински мал ритуал, можност за разговор, размена на мислења… Кафулињата во Подгорица се отворени уште од 8 часот наутро – таму се пие првото кафе и се планираат дневните обврски. Меѓу Подгоричани кружи легендата за „дојч“ кафето. Нашата соговорничка ни ja раскажа легендата според која терминот „дојч“ влегол во црногорскиот сленг за време на инфлациската криза од деведесеттите години. Во тоа време, кога локалните валути губеле вредност, германската марка станала најстабилната валута што се користела за секојдневните трансакции. Кафулињата почнале да го ценат својот асортиман во марки, а продолженото еспресо со млеко, кое станало омилено меѓу гостите, често се наплаќало по цена од една марка, па оттаму тој пијалак го добил уникатноот име „дојч-кафе“. 

Спој на старото и новото

Подгорица успешно го одржува спојот меѓу старото и ново, грижејќи се за старите историски градби-симболи на градот, и модерното урбанистичко градење.

Од старите знаменитости впечаток ни остави Саат кулата, која што е висока 16 метри и изградена во 17 век. Интересно за оваа кула е што го преживеала бомбардирањето во Втората светска војна. Историски податок за ова обележје е што во 1890 година по ослободувањето на Подгорица од Турците, на врвот на кулата е поставен крст кој оттогаш постојано стоел на Саат кулата, а кој е отстранет при реконструкцијата во 2017 година. Тоа предизвикало негодување на населението и барање да се врати на кулата. Денес оваа Саат кула е е важен историски симбол на Подгорица и на Цра Гора.

Интересна модерна градба е и зградата на Црногорското народно позориште (ЦНП). Историјата на ЦНП започнува во 50-те години на минатиот век, но театарскиот живот во земјата датирал уште од 19 век и најпрвин се одвивал на Цетиње. ЦНП денес е модерен театар што ги негува современите меѓународни театарски трендови и има разновиден репертоар што ги опфаќа како иновативните поставки на светските класици и домашното драмско наследство.

Мостот Милениум е една од поновите градби на Подгорица. Изградбата почнала во 2005 година и чинела седум милиони евра. Мостот се простира над реката Морача, долг е 140 метри а столбовите се издигнуваат 57 метри над тлото. Има две сообраќајни ленти и пешачка патека од двете страни. Со него се намалува закрченоста во сообраќајот на останатите мостови што го спојуваат центарот на градот со густо населените делови од другата страна на Морача.

Остатоците од античкиот град Дукља, најзначајниот урбан центар на територијата на Црна Гора во времето на римската доминација, се наоѓа на урбанизирано подрачје на денешна Подгорица, на просторот меѓу реките Зета, Морача и потокот Ширалија.

Брегот на овие реки служел како природна заштита и истовремено тие претставувале граница на територијалното ширење на античката населба.

Некогашниот Хамам (бања) е изграден во ориентален стил за време на османлискиот период и се смета за значајно културно наследство на градот, во кое што се организираат важни манифестации. 

Значајно обележје подигнато во спомен на жртвите во бомбардирањата во двете светски војни е споменикот Бомба во центарот на градот, откриен во 1994 година. 

Црногорците со сегашниот стандард се поблизу до Европа

Во разговорот со нашата соговорничка на прашањето како се живее таму, вели дека цените секојдневно растат, но сепак со платите можат да си дозволат пристојна живечка. Па така, минималната плата е 600 евра, додека просечната е1000 евра. 

Ги видовме и цените во маркетите – основен бел леб е 0,70 евра, литар млеко од едно евро до 2,5 евра, 100 грама кафе околу 1,5 евра, чоколадо од 90 грама од евро до 1,5 евра, но според продавачите, кога има акција цените знаат и да бидат пониски.

Цената на месото според нашите проценки се слични како кај нас, па така цената на килограм пилешки стек е од 5,90 до 9,40 евра, цело пиле е 3,5 евра по килограм, јагнешко меѓу 12-13 евра, свинското месо од 5,90 до 8 евра за килограм, јунешко по килограм околу 9-11 евра, додека бифтекот меѓу 15-17 евра.

Бензинот на средината на јуни се движеше од 1,43-1,46 евра по литар, додека дизелот 1,30 евра за литар. Инаку кај нив цените на горивата, како што ни кажа нашата соговорничка, се менуваат еднаш во 15 дена.

Според се ова што го видовме во главниот град на Црна Гора, се чини дека Црногорците полека но сигурно итаат кон Европа. (МИА)