Разгледница од Белград: Модерна метропола што успешно се бори против балканските лоши навики

Против несовесните граѓани што фрлаат отпушоци и ѓубре насекаде, се борат совесните ѓубреџии и хигиеничари кои постојано и на секој чекор го чуваат Белград чист


Bо белградскиот Институт за компаративно право се одржа меѓународна конференција под наслов „20 години Конвенција за правата на лицата со попреченост: Постигнувања и перспективи“, со цел проширување и продлабочување на имплементацијата и подобрување на состојбите и секојдневниот живот за граѓаните со попреченост. На собирот којшто траеше два дена, одржан по повод 20-годишнината од меѓународниот договор, учество зедоа и македонски научници.

Вон научниот дел, имавме прилика да се запознаеме со Белград. Во близина на Институтот се наоѓа познатата улица „Кнез-Михаилова“ – едно од најстарите и најпрепознатливи шеталишта во српската престолнина. Тоа денес е главната пешачка и трговска улица во центарот на градот – долга околу еден километар, а била наречена по српскиот кнез Михаило Обреновиќ (1823 – 1868) – заштитник на српската независност.

Тука, првите впечатоци потврдуваат дека Белград е поголем и понаселен од Скопје, пораздвижен, но и почист град. Имено, против несовесните граѓани и лошите навики да се фрлаат отпушоци и ѓубре насекаде (навики коишто веројатно треба да се искоренат во секое ќоше низ Балканот), се борат совесните ѓубреџии и хигиеничари кои постојано и на секој чекор го чуваат Белград чист. 

„Кнез-Михаилова“ и синиот Дунав водат кон Тврдината Калемегдан. Белградската тврдина којашто постоела и во антиката и во средновековието, потекнува од римско време и е поврзана со освојувањето на келтското упориште Сингидунум (I век н.е.). Преуредувањето и обликувањето на историско-тематскиот парк и на зеленилото почнале во втората половина на XIX век.

На неколку километри оттука се наоѓа и новата деловно-станбена населба Белград на Вода. Во оваа област наидовме и на еден стар воз од некогашните „Југословенски железници“ ( / ЈЖ).

Инаку, автобускиот превоз во Белград е редовен и целосно бесплатен – нешто што се најавуваше и за Скопје пред 3 – 4 години, но никогаш не се оствари. (Куманово е единствениот македонски град којшто во скоро време има воведено целосно бесплатен внатрешен градски автобуски превоз.)

Цените по кафулињата во Белград се, отприлика, слични како во Скопје. Истото може да се каже и за ресторанот „Река“ во белградската општина Земун каде што домаќините организираа вечера за гостите на меѓународната конференција.

Во продавница, пак, впечатокот вели дека некои од секојдневните намирници се и поевтини отколку во скопските продавници.  

На вториот ден следеше затворањето на научната конференција. Општо погледнато, сите научници и стручњаци од областа се согласуваат дека Конвенцијата за правата на лицата со попреченост носи повеќе права, привилегии и одговорности за овие граѓани, како и поголема вклученост во општеството, но треба уште повеќе да се работи во таа насока, како во земјите вон ЕУ, така и во самата Унија, но и ширум целиот свет. (МИА)