Ратко Младиќ останува во затвор


Хаг – Претседателката на Механизмот за меѓународни кривични трибунали, Грасиела Гати Сантана, го отфрли барањето на одбраната на поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, за негово предвремено ослободување од хуманитарни причини, објави Радио Слободна Европа.

Одбраната на Младиќ на 18 август побара тој да биде ослободен и префрлен во болница или установа за палијативна нега во Србија поради лошото здравје, ризикот од непосредна смрт и желбата да помине повеќе време со семејството. Во својата одлука, судијката Гати Сантана посочи дека хуманитарните причини не оправдуваат вака исклучителна мерка, истакнувајќи дека Младиќ ја добива потребната медицинска нега во Хаг и има редовен контакт со блиските.

Таа подвлече дека интересите на правдата не бараат ослободување дури и при очекувана смрт, имајќи ги предвид целите на доживотната казна за тешки меѓународни злосторства, која мора да ја изрази осудата од меѓународната заедница. Со ова се потврдува претходната одлука од 14 мај, кога трибуналот исто така одби привремено ослободување за осудениот генерал.

Ратко Младиќ беше уапсен во Србија во 2011 година, а во 2021 година Апелацискиот совет му ја потврди конечната казна доживотен затвор за геноцидот врз околу 8.000 Бошњаци во Сребреница, опсадата и теророт врз Сараево, прогонот на Бошњаците и Хрватите и земањето припадници на ОН за заложници за време на војната во БиХ.