Растот на БДП во еврозоната и во ЕУ нагло забави кон крајот на 2021 година


Економиите на ЕУ и на еврозоната нагло забавија во четвртиот квартал од 2021 година, а забави и вработеноста поради проблемите со снабдувањето што го попречија производството и ширењето на варијантата омикрон, покажаа новите проценки на Евростат во вторникот.
Европската економија мака мачи со набавките, особено на полупроводниците, клучните компоненти во производството на автомобили, а кон крајот на минатата година беше погодена од високите цени на енергијата и недостигот на работна сила во контекст на ширењето на варијантата омикрон на коронавирусот.

Така, сезонски прилагодениот бруто-домашен производ (БДП) на ЕУ во четвртиот квартал се зголеми за 0,4 отсто во однос на претходните три месеци, кога беше зголемен за 2,2 отсто, ја потврди Евростат проценката од крајот на јануари.

БДП на еврозоната, исто така, забележа благ раст во последниот квартал од 2021 година, за 0,3 отсто во споредба со претходниот квартал кога беше зголемен за 2,3 отсто, потврдија статистичарите.

Во споредба со истиот квартал од претходната година, сезонски прилагодениот БДП на ЕУ порасна за 4,8 отсто, по растот од 4,1 отсто во третиот квартал.

Во еврозоната порасна за 4,6 отсто, по растот од 3,9 отсто во претходниот квартал.

Во текот на 2021 година, активностите во двете области се зголемија за 5,2 отсто.

Пад во Германија

Од земјите чии податоци беа достапни, унгарската економија забележала најголем раст на квартална основа на крајот на минатата година, за 2,1 отсто.

Следат Шпанија и Полска со раст на активноста во четвртиот квартал за два, односно 1,7 отсто во однос на периодот од јули до септември.

Активностите во француската и италијанската економија нагло забавија, на 0,7 и 0,6 отсто, соодветно. Во летниот квартал пораснале за 3,1 и 2,6 отсто, соодветно.

Со пад на активноста од 0,7 отсто, Германија, пак, се рангираше заедно со Австрија, Романија и Латвија и формираше мала група земји со квартален пад на БДП.

Намалување од 2,2 отсто имаше во Австрија, 0,5 отсто во Романија и 0,1 отсто во Латвија, се наведува во извештајот на Евростат.

Европскиот завод за статистика немаше податоци за Хрватска, Естонија, Ирска, Грција, Луксембург, Малта и Словенија.

Полска на чело

На годишно ниво, сите земји од ЕУ за кои имаше податоци, забележаа раст на БДП во четвртиот квартал, најсилен во Полска, со стапка на раст од 7,7 отсто.

Следува Унгарија со 7,1 отсто и Италија со 6,4 отсто.

Во Франција економијата порасна за 5,4 отсто, а во Шпанија за 5,2 отсто.

Словенечката економија порасна најслабо меѓу земјите со чии податоци располагаше Евростат и тоа за 1,1 отсто. Блиску е и Германија со стапка на раст од 1,4 отсто.

Намалена вработеност

Бројот на вработени во ЕУ и во еврозоната е зголемен за 0,5 отсто во последните три месеци од минатата година во однос на летниот квартал кога во ЕУ е зголемен за 0,9 отсто, а во еврозоната за еден отсто.

На годишна основа забележа раст во двете области за 2,1 отсто, како и во периодот од јули до септември.

Во цела минатата година бројот на вработени во ЕУ е зголемен за 1,2 отсто, а за 1,1 отсто во областа на примената на заедничката европска валута, покажуваат проценките на Евростат, врз основа на квартални податоци.