Расте бројот на новодијагностицирани случаи на аутизам, раната детекција и поддршка се клучни
Според проценките, во Македонија се регистрирани околу 1.000 до 1.500 деца со официјална дијагноза (Ф84.0) аутизам, но се претпоставува дека реалната бројка е значително повисока, со оглед на тоа што многу случаи остануваат недијагностицирани или се водат под други категории на пречки во развојот, соопштува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот.
„Во Македонија се забележува тренд на зголемување на бројот на дијагностицирани случаи на аутизам. Ова не мора да значи „епидемија“, туку е резултат на подобрените дијагностички методи, поголемата информираност на родителите и зајакнатите капацитети на стручните кадри. Во последните пет години, бројот на новодијагностицирани деца во спектарот на аутизам бележи континуиран пораст. Најголемиот број новодијагностицирани се во Скопје, каде и пристапот до дијагностички центри (како Заводот за ментално здравје „Младост“ и Клиниката за детски болести) е најголем. Република Македонија сè уште се соочува со потребата од национален регистар кој попрецизно ќе ги следи потребите на овие лица од раното детство, па сè до зрелоста“, се наведува во објавата на ИЈЗ.
Аутизмот или спектарот на аутистични нарушувања (САН), е сложена невроразвојна состојба која вообичаено се појавува во раното детство и трае во
текот на целиот живот. Тој влијае на начинот на кој едно лице комуницира и стапува во интеракција со другите луѓе и со светот околу себе.
Поконкретно, според дефиницијата на Светската здравствена организација (СЗО) под аутизам се подразбира „Спектарот на аутистични нарушувања (САН) претставува група на разновидни состојби поврзани со развојот на мозокот. Тие се карактеризираат со одредено ниво на тешкотии во социјалната интеракција и комуникацијата. Други карактеристики се невообичаени обрасци на активности и однесувања, како што се тешкотии при преминот од една активност во друга, фокусираност на детали и невообичаени реакции на сензации“.
„Важно е да се разбере дека аутизмот не е болест која се „лекува“, туку специфичен начин на функционирање на мозокот. Карактеристични за аутизмот се: Предизвиците во социјалната комуникација и јазикот, специфичните, повторувачките модели на однесување или интереси, како и различната обработка на сетилните информации (звуци, светлина, допир). Бидејќи се работи за „спектар“ секое лице е уникатно, односно некои имаат значителни тешкотии во секојдневието, додека други пак поседуваат исклучителни вештини во одредени области“, пишуваат во одделот за здравствена промоција и следење на болести при ИЈЗ.
Според последните податоци на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), се проценува дека 1 на секои 36 деца во САД има дијагноза од спектарот на аутизам, што е значителен пораст во споредба со претходните децении. Во земјите на ЕУ преваленцата варира, но просекот се движи околу 1 на 100 лица, што значи дека околу 7 милиони луѓе во Европа живеат со аутизам.
„Раната детекција е клучна. Колку порано се започне со соодветна поддршка (логопедски, дефектолошки и сензорни третмани), толку се поголеми шансите за функционалност и независност во иднина. Што треба да направиме како општество? Професионална едукација: постојано усовршување на педијатрите за препознавање на раните знаци. Инклузивно образование: прилагодување на училиштата не само физички, туку и со соодветен наставен кадар и асистенти. Поддршка на семејствата: родителите на деца со аутизам во Македонија често се соочуваат со висок социјален и економски товар; државата мора
да обезбеди подобри услуги за поддршка. Стоп за стигмата: лицето со аутизам не е „чудно“ или „невоспитано“; неговиот нервен систем едноставно работи поразлично“, се потенцира во соопштението.