Растат гласовите во Бугарија дека Софија е главен губитник од блокадата на Македонија

Притиснат од претседателот, двете партии во владејачката коалиција (БСП и ИТН) и „пробугарските“ партии, премиерот Кирил Петков се соочува со апсурдна дилема, пишува дигиталниот весник „Медијапул“. Во коментарот се наведува дека конфликтот меѓу Софија и Скопје е идеална цел за Москва да ги остварува своите цели во регионот


Премиерите Петков и Ковачевски сега се многу подалеку од местото каде што беа на почетокот од годината

 

Дали е знак на политичка отрезнување или конечно согледување на вистинските проблеми што ги предизвикува блокадата на Македонија, но како што се појавуваат тврдите ставови во две партии од владејачката коалиција и „патриотскиот“ дел од општеството, така растат и гласовите во Бугарија дека најголем губитник од оваа ситуација ќе биде Софија, а не Скопје. Некаков знак на „тревога“ за политичарите и аналитичарите беше прво одлуката на Вселенската патријаршија, а потоа и давањето на автокефалност на МПЦ-ОА од страна на СПЦ. Проблем којшто беше заглавен со децении, а изгледа дека се реши за само неколку недели.

Новинарот Никола Лалов од дигиталниот весник „Медијапул“, кој внимателно ги следи и развојот на односите меѓу Бугарија и Македонија, поставувањето на ветото и последиците од него, во својот денешен коментар наведува дека трети земји од регионот и подалеку (пред сѐ, Русија) ја користат блокадата на различни начини за остварување на свои цели.

„Русија ги користи сите инструменти за да го оддалечи Скопје од ЕУ – хибридни напади, зајакнување на ‘петтата колона’ од двете страни на границата и искористување на слабостите и во Бугарија и во Северна Македонија. Ова е уште поважно за Москва сега кога води војна во Украина и практично го консолидира целиот демократски свет против себе. Во оваа ситуација, Русија ги мобилизира сите расположливи ресурси за да сее неединство и да бара слаби алки во синџирот за напад. Конфликтот меѓу Софија и Скопје е идеална цел“, пишува „Медијапул“.

Според изданието, поради политиката наметната од последната влада на Бојко Борисов, „Бугарија ја губи довербата не само кај политичките елити во Скопје, туку и кај граѓаните на соседната земја, која толку многу сакаме да нè сака, почитува и уважува. Белград будно ги следи процесите и сосема логично се обидува да понуди ‘алтернативи’ на РСМ кои воопшто не се во интерес на Бугарија“.

Потоа се наведуваат изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „односите меѓу Србија, РСМ и Албанија никогаш не биле подобри“. И се оценува дека „Бугарската православна црква пропушти стратешка шанса да стане црква-мајка на Македонската црква. Ваква покана беше упатена во 2017. Пет години подоцна, во 2022 година, во пресрет на 24 мај, Српската црква ја призна автокефалноста на македонската, откако и Вселенската патријаршија на 9 мај исто така ја призна автокефалноста на Охридската архиепископија“.

„Медијапул“ ја наведува и вчерашната посета на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, на Скопје за да оцени дека по Преспанскиот договор „Грција ги расчисти проблемите и сега ја презеде улогата на лидер на Скопје во ЕУ“.

Во коментарот се наведува дека сето ова се случувало во заднината на зголемениот притисок врз Бугарија да не дозволи проширување на влијанието на Русија во регионот и нејзината агресија во Украина. И дека позицијата на Бугарија не наиде на поддршка во ЕУ.

„Притиснат од претседателот, двете партии во владејачката коалиција (БСП и ИТН) и ‘пробугарските’ партии, премиерот Кирил Петков се соочува со апсурдна дилема. Досега владата не сигнализираше дека е подготвена да ја ‘пушти’ Северна Македонија во јуни, откако БСП и ИТН предупредија дека ако го стори тоа, коалицијата нема да преживее. Претставниците на ГЕРБ, кои демонстративно се позиционираат како про-НАТО и проевропска алтернатива на претседателот Радев, чудно молчат и се пасивни по прашањето за Северна Македонија“, пишува „Медијапул“.

Наведувајќи дека Македонија одбива да ги исполни барањата на Софија, владата на Димитар Ковачевски е под силен притисок од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ги избегнува најчувствителните прашања во односите со Бугарија.

„Зафатени со меѓусебно демнење и домашни политички интриги, бугарските партии и политичари никогаш не можат да се обединат барем околу реален план за акција, со можни компромиси и идни тактичко-стратешки потези за излез од ќор-сокакот.

Затоа што не треба да има сомнеж – неуспехот на Северна Македонија на патот кон ЕУ ќе биде неуспех за Бугарија“, пишува во својот коментар Никола Лалов во „Медијапул“.