Раст на августовското индустриско производство во ЕУ на месечно ниво


Сезонски прилагоденото индустриско производство во август годинава, бележи раст од 0,6 отсто на месечно ниво и во Еврозоната и во цела ЕУ, откако претходниот месец имаше пад од 1,3 проценти споредено со јуни 2023 година, соопшти денеска Европската статистичка служба – Евростат.

Како што јави дописникот на МИА, сепак, споредно со август 2022 година, стапката на индустриското производство е намалена за 5,1 отсто во Еврозоната и за 4,4 проценти на ниво на ЕУ.

Месечен раст на индустриското производство во Еврозоната во август е регистриран во секторите „трајни производи за широка потрошувачка“ и тоа од 1,2 отсто, во „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 0,5 проценти и во „капитални производи“ за 0,3 отсто. Од друга страна, производството на „интермедијарни производи“ е намалено за 0,3, а на „енергија“ за 0,9 проценти.

На ниво на ЕУ, пак, производството на „трајни производи за широка потрошувачка“ бележи раст од 1,2 отсто, на „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 0,7, а на „капитални производи“ за 0,1 процент. И во Унијата во целост производството на „интермедијарни производи“ е намалено во споредба со јули 2023 за 0,2 отсто, а на „енергијата“ за 0,5 проценти.

Гледано по земји, најголем месечен раст е регистриран во Ирска од 6,1 отсто, пред Словачка од 4,5 и Литванија од 3,7 проценти. Најголемо намалување пак на месечно ниво има во Унгарија од 2,4 отсто, а по неа следуваат Хрватска со 2,2 и Белгија со 1,8 проценти.

На годишно ниво, пак, производството на „трајни производи за широка потрошувачка“ во Еврозоната е намалено за 7,2 проценти, на „капиталните производи“ за 7,0, на „енергијата“ за 6,3, на „интермедијарните производи“ за 5,2, а на „нетрајните производи за широка потрошувачка“ за 1,4 отсто.

На ниво на ЕУ, производството на „трајни производи за широка потрошувачка“ во август е намалено за 7,3 проценти во споредба со истиот лански месец, на „енергијата“ за 6,7, на „интермедијарни производи“ за 5,5 и на „капиталните производи“ за 5,2, додека производството на „нетрајни производи за широка потрошувачка“ остана на исто ниво.

Најголем годишен пад на индустриското производство бележи Ирска од 27,3 отсто, пред Словенија од 12,3 и Естонија од 11,9 проценти. Од друга страна најголем годишен раст на индсутриското производство имаат Словачка од 4,7, Данска од 3,5 и Малта од 3,0 отсто.